Bekim Laci
27 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, денес истакна дека одлуката за протерување на еден руски дипломат од Македонија се базира на два елемента, и тоа едниот елемент е меѓународен, што е поврзан со нападот со хемиско оружје што се случи во Велика Британија, и на солидарноста што ја побараа партнерите и сојузниците, јавува Anadolu Agency (AA).
Димитров истакна дека постојат и домашни основи, бидејќи се работи за едно лице, коe со неговите активности излегло надвор од неговиот мандат и од одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи.
За време на прес-конференцијата по средбата во Скопје, со министерката за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, Димитров нагласи дека се работи за реакција која за цел ја има заштитата на интересот на државата, интегритетот на институциите, како и безбедноста на земјата.
„Се работи за обид за добивање сензитивни и класификувани информации кои се важни за безбедноста на Република Македонија. Мислам дека тука ќе има многу интерес околу идентитетот на лицето, кое ние сме должни да го заштитиме и од почит кон неговата држава, кон Руската Федерација, но и заради личната безбедност на лицето. Мислам дека ќе биде многу штетно ако се шпекулира, ако излегува во јавноста. Нашите сознанија се поткрепени и евидентирани, и немаме никакви дилеми дека такви обиди навистина имало“, рече Димитров.
Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека во тесна консултација со сојузниците и партнерите од ЕУ и НАТО, но и во солидарност со Обединетото Кралство Велика Британија, како и со Северна Ирска, донесе одлука да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија поради случајот „Скрипал“, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
„Kористењето военохемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се вели во соопштението на македонското МНР.