Edıta Zekjırovıc
13 Јули 2022•Ажурирај: 14 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ) продолжија десетти ден по ред, јавува Агенција Анадолија (АА).
Под мото „Ултиматум - не благодарам“ демонстрантите протестот го започнаa пред Владата на Северна Македонија, потоа продолжија кон зградата на Министерството за надворешни работи (МНР), а оттаму се упатија кон Собранието на РСМ.
Според известувањето од Собранието на РСМ, седницата на која пратениците треба да расправаат за францускиот предлог за преговарачката рамка за земјата со Европската Унија ќе се одржи утре (четврток) во 13.30 часот. Обраќање пред пратениците во Собранието ќе одржи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изутрина на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека без оглед на исходот од утрешната седница, ВМРО -ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени.
„Информацијата и фарсата во Собрание може да ви помине, но промена на Уставот не!“, напиша Мицкоски.
Протестите поминаа без инциденти, а демонстрантите порачаа дека утре протестот ќе започне во 12 часот, пред почетокот на собраниската седница за францускиот предлог.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Во изминатите денови, Мицкоски истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот и според него ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.