Vesna Besiç
27 Септември 2017•Ажурирај: 28 Септември 2017
САРАЕВО (АА) - Висока делегација на Армијата на Република Македонија (АРМ), предводена од генералот потполковник Методија Величковски, престојува денес во официјална и пријателска посета на Босна и Херцеговина (БиХ), пренесува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата беше примена од страна на министерката за одбрана на БиХ, Марина Пендеш, и од началникот на Заедничкиот штаб на Оружените сили на БиХ (OS BiH), генерал полковник Анто Јелеч.
На средбата е разговарано за досегашната билатерална и регионална воена соработка, на којашто посебно беше истакната можноста од проширување во духот на иницијативата на НАТО за „Паметна одбрана“, како и соработката во случај на природни и други непогоди и предизвиците од мигрантската криза.
Констатирано е дека поради ограничените ресурси со кои се соочуваат, двете пријателски земји сами неможат секогаш да одговорат на сите предизвици, но дека преку заедничкото делување во регионот тоа е можно.
Генералот Величковски нагласи дека не постојат теми и области во кои две војски не можат да соработуваат, како и дека треба да се анализираат приоритетите со цел јакнење на понатамошната соработка на патот кон НАТО.
Министерката за одбрана на БиХ, Пендеш, посебно се осврна на македонското повеќегодишно искуство во реализацијата на повеќе Акциски програми за членство (MAP) во Северно-атлантската алијанса (НАТО), истакнувајќи дека ова искуство би било корисно за Босна и Херцеговина, која го очекува активирањето на МАП.
Пречекувајќи го генералот Величковски во Заедничкиот штаб на Оружените сили на БиХ, генералот Јелеч говореше за најзначајните активности на Заедничкиот штаб, особено во развојот на интероперабилноста и способноста на единиците, како и придонесот во меѓународните мировни операции.
На разговорите на воените делегации присуствуваше вршителот на должноста на амбасадата на Република Македонија во БиХ, Александар Крстевски, и нерезидентниот воен аташе полковник Донче Кузманов.
Планираната посета на високата делегација на АРМ ќе се реализира од 26 до 28 септември на повеќе локации. Се планира посета на Центарот за обука за операции за поддршка на мирот (PSOTC) во кампот Бутмир, посета на командата на ЕУФОР во БиХ, како и културно-историските знаменитости во Коњиц и во Мостар, а ќе се положи и венец на спомен обележјето на македонската делегација во авионската несреќа во близина на Мостар, која беше предводена од тогашниот македонски претседател Борис Трајковски.