Senada Ibraimova
20 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со поддржувачите и вечерва повторно се собраа пред Владата на Република Македонија, од каде што маршираа до Собранието на РМ во знак на протест, како што велат, против албанската платформа, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестантите, во пресрет на утрешната посета на државата од страна на еврокомесарот Јоханес Хан, порачаа дека бараат средба со него и како што рекоа, бараат да ја осуди албанската платформа.
Дел од организаторите и поддржувачи на овој протест одржаа говор пред Собранието на РМ, на којшто ги упатија своите пораки воглавно против двојазичноста. Тие и вечерва потенцираа дека нема да престанат да се собираат и протестираат сè додека не им се исполнат барањата, да се отфрли оваа платформа. Тие нагласија и дека се против бинационална држава, дека се за мултиетничка Македонија и се против двојазичност во државата.
Луѓето кои маршираа носеа транспаренти и македонски знамиња, а по упатените пораки пред Собранието толпата мирно се разотиде.
Протести освен во Скопје се одржуваат и во други градови во државата.
Таканаречената заедничка платформа на албанските политички партии во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија.
Лидерите на албанските политички партии се обврзаа дека нема да учествуваат во новата Влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.
Инаку, за утре е најавена посета на еврокомесарот Хан во Македонија, при што се очекува да се сретне со претседателот на државата Ѓорге Иванов и лидерите на политичките партии.