Zylfije Adem Jakupi
20 Април 2023•Ажурирај: 22 Април 2023
ПРИШТИНА (АА) – Граѓаните на Косово имаат поделени мислења за тоа какво влијание ќе има визната либерализација врз Косово, додека експертите оценуваат дека тоа ќе има позитивно влијание врз економијата, јавува Анадолу.
Граѓаните сметаат дека визната либерализација негативно ќе влијае врз продолжувањето на заминувањето на младите од Косово, а дека позитивно ќе се одрази на бизнисот и туризмот.
Алуш Шахини од Приштина во изјавата за Анадолу вели дека визната либерализација за Косово ќе има негативно влијание.
„Еден млад човек се воспитува, се образува, му се дава можност да заврши факултет и од него се прави 'финален производ', додека Западот го зема готовиот, финален производ без никакво вложување, користејќи ги неговата логика, образование, неговото знаење“, нагласува Шахини.
Сара Бериша вели дека либерализацијата на визите нема да влијае врз понатамошното заминување на граѓаните бидејќи тие што имале намера да мигрираат веќе го сториле тоа. Според нејзино мислење, либерализацијата позитивно ќе влијае врз некои категории граѓани.
„Се надевам дека на граѓаните ќе им биде полесно да излегуваат од земјата и да патуваат, мајките да ги видат своите деца што се во странство. Ќе биде полесно за претпријатијата и за оние што се заинтересирани да видат нови култури бидејќи повеќе ќе нема трошоци за визи по амбасадите и слични работи“, нагласува Бериша.
Шаип Хајризи истакна дека сите граѓани на Косово со нетрпение го чекале укинувањето на визите бидејќи само Косово од сите европски земји сѐ уште има визен режим. Но тој оценува дека визната либерализација ќе има негативно влијание врз заминувањето на младите од земјата.
„Од младите некој ќе види корист од либерализацијата, но за Косово таа ќе биде негативна и Владата мора да има проекти и стратегии за да се обиде да ги задржи младите овде. Младите не треба да заминуваат, туку да имаат работа овде, пристојна плата бидејќи ако тоа го има тука, никој нема да бега оттука“, рече Хајризи.
Универзитетскиот професор и експерт за меѓународни односи, Авни Мазреку, во изјавата за Анадолу рече дека визната либерализација позитивно ќе влијае врз економијата на земјата.
Мазреку истакна дека ќе се оствари соработка на компании од различни сектори и дека на среден рок либерализацијата ќе влијае врз подобра економска понуда и враќање на многу луѓе од земјите од Шенген зоната.
„Либерализацијата на визите ќе има многу позитивно влијание врз создавањето нови можности за воспоставување контакти за партнерство и економска соработка со многу компании надвор од Косово што ќе бидат заинтересирани својот капитал да го донесат во Косово. Исклучително голем и неистражен потенцијал на Албанците е дијаспората, која има многу добри и успешни претприемачки пазарни капацитети во земјите во кои работат, главно, во Германија. Значи, ако приватниот сектор условно ги користи инструментите на дијаспората за поддршка на сегашниот приватен сектор на Косово, тогаш мислам дека тоа ќе биде спротивно од она од што се плашиме, дека визната либерализација може да влијае врз празнењето на населението во Косово“, нагласува Мазреку.
Професор Мазреку вели дека не може да се спречи заминувањето на луѓето што имаат дефицитарни занимања, како лекарите и медицинските сестри, бидејќи оваа категорија секогаш ќе најде начин да мигрира во земјите каде што развојот им е поважен од кариерата.
Тој, исто така, рече дека Косово нуди извонредни и неограничени можности за развој на енергетскиот сектор бидејќи е позната како трета земја со најголеми резерви на јаглен што се користи како основа за производство на електрична енергија.
Во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур вчера е потпишан правниот акт на Европската Унија за либерализација на визите за Косово, откако претходно Европскиот парламент ја одобри одлуката за укинување на визите.
Одлуката за либерализација на визите ќе биде објавена во Службен весник и ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето. Според оваа одлука, граѓаните на Косово ќе можат да се движат без визи во земјите од Шенген зоната од 1 јануари 2024 година.