ЗАГРЕБ (АА) - Во 7 часот утринава се отворија гласачките места низ цела Хрватска за претседателските избори на кои над 3,8 милиони регистрирани гласачи ќе избираат од 11 претседателски кандидати што успеаја да соберат повеќе од 10.000 валидни потписи за поддршка од гласачите, јавува Агенција Анадолија (AA).
Кампањата, во која учествуваа 11 претседателски кандидати, траеше до петокот, 20 декември, до полноќ, кога официјално започна предизборниот молк, со цел гласачите да имаат време мирно да донесат одлука за тоа кое од 11-те имиња ќе го заокружат на гласачкото ливче.
- Повеќе гласачи од минатите претседателски избори -
Со тоа гласачите ќе му овозможат на својот кандидат победа во првиот круг, ако кандидатот добие над 50 отсто од гласовите на гласачите што ќе излезат на изборите. Доколку ниту еден од кандидатите не го надмине прагот од 50 отсто, на 5 јануари 2020 година се одржува вториот изборен круг, во кој од првиот круг ќе поминат само двајцата кандидати со најмногу гласови.
Вкупниот број гласачи со право на глас на овие претседателски избори изнесува 3.854.747, што е за 75.466 повеќе отколку на претседателските избори во 2014 година. Причината е што автоматски сите гласачи во дијаспората кои имаат важечка лична карта, а немаат престој во Хрватска, се ставени на избирачкиот список. Така, хрватските државјани кои живеат во странство повеќе не мора физички да одат во дипломатските претставништва и да бараат да бидат внесени во избирачкиот список, туку Министерството за внатрешни работи автоматски ги вметнува во избирачкиот список сите полнолетни граѓани кои имаат важечка лична карта.
Хрватското Министерство извести дека бројот на избирачи со место на живеење во Хрватска за овие претседателски избори изнесува 3.677.904, што е за дури 93.049 помалку од претходните претседателски избори, додека во дијаспората, без живеалиште во Хрватска, има 176.843 гласачи.
- Претседателски кандидати -
Актуелната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ во трката за втор мандат оди под слоганот „Претседателка. Затоа што Хрватска знае!“, со поддршка на Хрватската демократска заедница (HDZ), како и на минатите претседателски избори, на кои во вториот круг го победи поранешниот претседател Иво Јосиповиќ, како и кандидатот на Партијата на трудот и солидарноста, градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ.
Таа порачува дека во изминатиот петгодишен мандат била претседателка која стоела над партиските и идеолошките поделби и го поттикнувала општествениот дијалог. Претседателската програма што ја претстави актуелната претседателка е составена од седум точки: развој, идентитет, одлучност, праведност, демократија, безбедност и оптимизам.
Поранешниот хрватски премиер и поранешен претседател на Социјалдемократската партија (SDP), Зоран Милановиќ, на изборите се кандидира со поддршка на неговата поранешна партија, во моментов главна опозициска партија, и со голем број партии од левиот политички спектар. Слоганот на Милановиќ е „Претседател со карактер“. Порачува дека како премиер ги покажал своите ставови за голем број прашања, како што го познаваат гласачите, но признава дека направил и одредени грешки.
Во видеото на својата официјална страница Милановиќ се повикува на своето искуство и вели дека на Хрватска ѝ е потребен претседател со карактер за Хрватска со став. Ветува дека како претседател ќе застане против неправдата, крадењето, насилството и омразата и ќе се бори за уредена држава против партиски подобности.
Познатиот хрватски кантавтор, поранешниот пратеник во Саборот од ХДЗ и деловен човек со докторат по еконмски науки, Мирослав Шкоро, тргна во претседателската кампања како независен кандидат кому поддршка му дадоа неколку помали партии. Неговиот слоган е „Сега или никогаш! Да ја вратиме Хрватска на народот“.
Тој се залага за уставно зајакнување на претседателските овластувања бидејќи смета дека тие се ограничени. Шкоро се претстави со пет основни точки во кои наведува дека претседателот на Хрватска има право самостојно, без согласност на премиерот, да распише референдум и да предложи и спроведе закон, доколку народот го поддржи. Тој смета дека претседателот мора да биде противтежа на партиските олигарси и дека има право да свика и претседава со седница на Владата, да стави вето на закон од одлука на Уставниот суд и право на предложување уставни судии.
Хрватскиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) и поранешен судија во Трговскиот суд, Мислав Колакушиќ, во својата програма како главна точка ја има борбата против корупцијата.
Колакушиќ нема официјална страница, но на страницата за поддршка на Фејсбук се наведува дека Колакушиќ е „најжестокиот, најстручниот и најаргументираниот критичар на владејачката политичка каста, како судија остро се спротивставува на претстечајниот и извршителскиот грабеж, а денес, со поддршка на граѓаните, без партиска основа и без една куна јавни пари, е трета политичка сила во Хрватска“.
Основачот на партијата Жив ѕид, кој се бореше со години против присилните иселувања на граѓаните од извршителите, и пратеник кој повеќепати бил изнесуван од собраниската сала, Иван Пернар, кампањата ја води преку социјалните мрежи на кои има голем број следбеници. Тој ја напушти партијата Жив ѕид за време на изборите за Европскиот парламент, и со колегата пратеник Бранимир Буњац формираше нова партија.
Тој се залага за излез на Хрватска од ЕУ и НАТО, повикува на поддршка од банките за загрозените граѓани и се залага за легализација на марихуаната, забрана на ГМО-производи и за вакцинација како прашање на слободен избор. Тој тврди дека Хрватската народна банка е менувачница, а Хрватска држава без монетарна сувереност, оптоварена со неотплатливи кредити. Јавно ги критикуваше хрватските мејнстрим-медиуми, тврдејќи дека фаворизираат одредени претседателски кандидати и дека се пристрасни во известувањето, а за себе вели дека е единствениот алтернативен кандидат на овие избори.
Поранешната претседателка на Комисијата за спречување судир на интереси, правничка и адвокатка која се занимава со казнено право и заштита на човековите права и лидерка на партијата Старт, Дарија Орешковиќ, го има слоганот „Претседателка без маска“. Во нејзината биографија се наведува дека започнувала постапки против градоначалници, министри, парламентарни пратеници, па и против претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ. Со партијата излезе на минатите избори за Европскиот парламент на кои не успеа да освои мандат, а по претседателските најавува излегување и на парламентарните избори во 2021 година.
Претседателската кандидатка на Работничкиот фронт (RF) и Социјалистичката работничка партија (SRP), Катарина Пеовиќ, е поранешна пратеничка во загрепското Градско собрание. На Филозофскиот факултет во Загреб завршила Компаративна книжевност и кроатистика, каде што и магистрирала, а потоа и докторирала. Таа ги има напишано книгите „Медиумите и културата“ и „Маркс во дигиталната доба“, како гитарист свирела во хеви-метал бендот „Максмет“, а нејзиниот предизборен слоган е „Со Катарина за народно мнозинство“.
„Демократскиот социјализам од 21 век е визија на општество во кое економијата и имотот доминантно ќе бидат во сопственост на целото општество, економската активност ќе се одвива во интерес на задоволување од потребите на целото општество, а трчањето по приватен профит ќе биде заменето со грижата за животниот стандард, безбедноста на работниците, здравството, образованието и благосостојба на мнозинството“, вели Пеовиќ.
Кандидатот на Хрватската социјална либерална партија (HSLS), Дејан Ковач, дипломирал и докторирал на Економскиот факултет во Загреб. Се повикува на неговата богата научна кариера и соработка на полето на економијата со бројни добитници на Нобеловата награда, член е на Американското економско здружение и Кралското економско општество. Неговиот слоган е „Имаш избор“, а порачува дека како претседател ќе се бори против корупцијата, ќе гради подемократски изборен систем, ќе ги охрабрува реформите во економијата и државната администрација, како и оптимизацијата на здравствениот, образовниот и политичкиот систем.
Режисерот Дарио Јуричан го смени своето име во Милан Бандиќ, но поради жалбата на адвокатот на градоначалникот Милан Бандиќ, таа одлука за менување на името сè уште не е правосилна.
Јуричан ја започна трката за претседател со хумористичен и ироничен тон, тврдејќи дека негов единствен противник е Милан Бандиќ, иако градоначалникот на Загреб не се кандидираше на овие избори. Јуричан тврди дека „Милан Бандиќ во рака ги држи Парламентот, главниот град и голем дел од Хрватска“. Порачува дека главниот дел од неговата програма е воведувањето на корупцијата во Уставот.
Претседателскиот кандидат на Демократскиот сојуз за национална обнова (DESNO), Анто Ѓапиќ, повеќегодишен лидер на Хрватската партија на правата, ја има паролата на кампањата „За горда Хрватска“. Ѓапиќ сака да ги прошири овластувањата на претседателот и да изработи нов Устав според кој во Собранието нема да има однапред осигурани места за националните малцинства.
Поранешниот градоначалник на Општината Клањец, Неделко Бабиќ, е уште еден од кандидатите за претседател на Хрватска. Претседател е на партијата ХССЧКШ која брои околу 23.000 членови. Бабиќ порачува дека е човек од народот, а неговата изборна програма се состои од 10 точки: враќање на вербата во вистинскиот патриотизам, обединување на разединетите Хрвати, промена на Уставот и законите, антиглобализација, враќање на полупретседателскиот систем и друго.
Според најголемиот дел од спроведените анкети, хрватските гласачи фаворизираат четворица претседателски кандидати: Колинда Грабар-Китаровиќ, Зоран Милановиќ, Мирослав Шкоро и Мислав Колакушиќ, со предвидување дека во првиот круг ниту еден од кандидатите нема да освои мнозинство од над половина од потребниот број гласови.
news_share_descriptionsubscription_contact
