Vesna Besic
02 Април 2022•Ажурирај: 03 Април 2022
БЕЛГРАД (АА) - Граѓаните на Белград по вонредните парламентарни и редовните претседателски избори, што ќе се одржат утре во Србија, очекуваат промени бидејќи, како што рекоа, не се задоволни од сегашната ситуација во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Србија утре ќе се одржат вонредни парламентарни и редовни претседателски избори. Истовремено ќе се одржат и избори за советници во 13 локални самоуправи.
Граѓаните на Белград претежно не беа заинтересирани да застанат пред камерата ниту да ја коментираат ситуацијата во земјата. На разговор се одлучија главно постарите граѓани.
Момир Ѓуровиќ (71) би сакал промени во Србија.
„Ова нè измори и исцрпи, оваа диктатура, ова заплашување, ова повлекување во себе, оттргнување од реалноста која е сурова. Јас сум пензионер, независен и имам право да кажам што мислам“, истакна Ѓуровиќ.
Како што рече, сè во својот живот заслужил со својата работа.
„Сметам дека имам право на свој избор. Не сум задоволен од сегашната ситуација, не сум задоволен од некаквата посесивност на оваа власт, со ова заплашување. Живеам во Србија, тука сум роден и сметам дека Србија треба да има мирољубива политика. Ми се чини дека Србија има посесивност во однос на Република Српска. Ми пречи заострувањето на односите со Босна и Херцеговина. Ми пречи заострувањето на односите со Црна Гора и со Хрватска. Пораснав во онаа стара Југославија, летував на Хвар, со задоволство одев во Босна, и во Травник, Сараево, Мостар“, вели Ѓуровиќ.
Угљеша Јовановиќ (61) порача дека неговите очекувања пред изборите во Србија се да има мир и памет.
„Сите да бидеме нормални луѓе, ако воопшто е можно тоа, а заблудените браќа да се вратат во својата матица. Секогаш очекувам промени. Да речеме дека сум делумно задоволен од ситуацијата во земјата“, додаде Јовановиќ.
Пензионерот Горан Ајдер (65) не очекува значителни промени по изборите во Србија.
„Не очекувам некои промени, ниту на подобро ниту на полошо. Не сум задоволен од состојбата во земјата, би можело да биде подобро, малку да се исчисти од економскиот криминал“, изјави Ајдер за АА.
Еден од соговорниците беше Ѓорѓе, кој не сакаше да го открие своето презиме.
„Можеме да се надеваме на промени. Се плашам дека премногу диктатура е вмрежена“, рече Ѓорѓе.