Голем пожар утринава во Визбегово, се крева црн густ чад
- Црн густ чад се крева над Визбегово, откако во тој реон, во Општина Шуто Оризари, избувна голем пожар во близина на дива депонија, кој се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини

СКОПЈЕ (АА) - Црн густ чад се крева над Визбегово, откако во тој реон, во Општина Шуто Оризари, избувна голем пожар во близина на дива депонија, кој се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини, јавува Анадолу.
Постои опасност бидејќи во близина на пожарот се наоѓаат станбени куќи.
Пожарот предизвика вознемиреност кај граѓаните, а густиот чад беше видлив на небото од различни делови на градот.
На терен беа испратени четири возила од ТППЕ Скопје кои интервенираат заедно со две возила од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
По барање на градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, побарана е и воздушна поддршка за справување со пожарот.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш го процесуираше барањето до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), со цел побрза и поефикасна интервенција на терен.
Укажано му е на градоначалникот на Шуто Оризари, доколку се процени дека има потреба, да пристапи кон евакуација на населението кое се наоѓа во тој реон.