Agim Sulaj
10 Јуни 2022•Ажурирај: 11 Јуни 2022
ПРИШТИНА (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц реализира посета на Косово во рамки на неговата турнеја на земјите од Балканот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шолц во Приштина беше пречекан од страна на косовскиот премиер Албин Курти, а по средбата одржана во Владата на Косово, одржаа заедничка прес-конференција.
Курти истакна дека германскиот канцелар го уверил дека и покрај тешките околности, Владата на Косово спроведува реформи.
Косовскиот премиер рече дека на средбата со Шолц побарал поддршка од Германија за членството на неговата земја во институциите на Европската Унија (ЕУ).
„Го уверив канцеларот дека во согласност со европските ветувања и перспективи работиме за реализирање на потребните реформи за интеграција во Европската Унија. Барањето за поддршка од Германија за членството на Косово во Советот на Европа наиде на целосно разбирање. Ќе продолжиме и со нашата аспирација за статусот кандидат [за членство] во Европската Унија, за кој планираме да аплицираме кон крајот на годината“, нагласи Курти.
Што се однесува до процесот на дијалогот меѓу Косово и Србија, Курти истакна дека Косово се покажало како креативна, конструктивна и посветена страна, но дека „Србија продолжува да ги блокира решенијата кои Косово ги нуди во рамки на Договорите од Берлин, како што е случајот со табличките на моторните возила“.
Тој рече дека Берлинскиот процес е најдобрата можност за соработка на земјите од Западен Балкан.
Од друга страна, германскиот канцелар Шолц истакна дека посетата на Курти на Германија и неговата посета во Косово се показател на тоа колку се блиски односите меѓу двете земји.
Шолц нагласи дека на средбата со Курти разговарале за различни прашања, вклучувајќи ја и визната либерализација за државјаните на Косово, за што рече дека работат за да ги убедат и партнерите на ЕУ за поддржување на овој процес.
Осврнувајќи се на процесот на дијалогот меѓу Косово и Србија и посредството на ЕУ, Шолц рече дека за Косово е важно овој процес да унапредува и неговата финализација да биде со меѓусебно признавање.
„Дијалогот е патот што на Косово му отвора понатамошна европска перспектива. Конструктивен став во овој дијалог е во интерес на сите граѓани тука во Косово. Политички договор меѓу двете земји е важен услов за инвестициите и за работни места, како и за перспективата на младите во Косово. Јасно е дека договорот на крај треба да го реши и прашањето за признавање на Косово бидејќи е незамисливо две земји кои не се признаваат меѓусебно, да бидат членки на ЕУ“, истакна Шолц.
Што се однесува до иницијативата „Отворен Балкан“, Шолц нагласи дека Германија му придава голем приоритет на регионалниот пазар.