Балкан, Коронавирус

Вучиќ: Полициски час од петок до понеделник

- Од утре ќе биде забранет секој собир за повеќе од пет луѓе, а од петок на сила ќе стапи полициски час до понеделник, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ

Bojana Stojanovic  | 07.07.2020 - Обновена : 08.07.2020
Вучиќ: Полициски час од петок до понеделник

БЕЛГРАД

Од утре ќе биде забранет секој собир за повеќе од пет луѓе, а од петок на сила ќе стапи полициски час до понеделник, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).

На прес-конференцијата во Белград, Вучиќ изјави дека денес е најтежок ден од почетокот на појавата на Ковид-19, потсетувајќи дека 13 лица починале во изминатите 24 часа.

Според неговите зборови, во овој момент повеќе од 120 лица се наоѓаат на респиратори, во болниците се слободни 376 респиратори, во магацин има уште 578 клинички респиратори, а во рок од осум дена ќе има уште 1.100 респиратори, додавајќи дека има и 122 мобилни респиратори.

Вучиќ оцени дека ситуацијата е алармантна во Белград, а сериозна во уште четири градови во Србија.

Тој прецизираше дека речиси 4.000 лица се позитивни на Ковид-19 во болниците и дека белградските болници се речиси полни.

„Во согласност со тоа, од утре ќе биде забранет секој јавен собир за повеќе од пет лица, било во отворен, било во затворен простор, а од петок одиме на долг полициски час, кој ќе трае до понеделник, а од понеделник ќе видиме“, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија наведе дека движење ќе биде обезбедено за луѓе со домашни миленичиња, мајки со деца и пензионери, и дека деталите ќе бидат познати во заклучок на Кризниот штаб.

Претседателот на Србија изјави дека во земјата се тестирани 455.604 лица, а во Нови Пазар во овој момент има 33 респиратори.

„Што се однесува до ситуацијата во Нови Пазар, таа е значително подобра, но поради тежината на состојбата на пациентите ќе имаме уште неколку дена смртни случаи, но потоа ќе запре, бидејќи, ми изгледа дека тој силен налет на епидемијата го спречивме“, додаде тој.

Тој изјави дека против грип ќе мора да бидат вакцинирани припадниците на Војската, сите шалтерски службеници, деца од три до 12 години, најголем дел од пензионирите, сите хронични болни, за да се избегне судар на грип и коронавирус, и дека следниот бран на коронавирус ќе биде во ноември.

Вучиќ најави и дека ќе има и две големи болници за лекување од Ковид-19 на Батајнички друм и во Крушевац. Зборувајќи и за новата Влада на Србија, Вучиќ изјави дека таа ќе биде формираа најдоцна до 25 август.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.