Bojan Bednar
10 Септември 2022•Ажурирај: 10 Септември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа соопшти дека со преговарачите на Европската Унија (ЕУ) разговарале за иднината на Србија и нагласи дека нема да има никакво признавање на Косово, известува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ на својот профил на социјалната мрежа Инстаграм објави дека се состанал со европските преговарачи и дека секогаш е подготвен „на компромисно решение“, но во согласност со Уставот на Србија.
„Токму сега разговарам со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, и со советниците за надворешна и безбедносна политика на Франција и Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер.
Бон и Плетнер дојдоа во Белград само по пет дена откако претседателот на Франција, Емануел Макрон, и германскиот канцелар ,Олаф Шолц, предложија нивните блиски советници да се вклучат во преговарачкиот процес.
Од ЕУ порачаа дека прва задача на Бон и Плетнер е да ја истражат можноста за продолжување на дијалогот Белград - Приштина.
Пред сѐ, тие би требало да потпомогнат околу договорот за регистарските таблички, а српската страна нагласи дека ќе инсистира да се постават и прашања за формирање на Заедница на српски општини во северниот дел на Косово и прашање за исчезнатите лица.
Претставниците на ЕУ, Франција и Германија пред доаѓањето во Белград, во Приштина се состанаа со премиерот на Косово, Албин Курти.