Andelija Stojkovic
26 Септември 2021•Ажурирај: 26 Септември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговараше денес телефонски со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во врска со ситуацијата на Косово, известува Агенција Анадолија (АА).
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Вучиќ, Столтенберг ја оценил ситуацијата како загрижувачка.
Во соопштението се наведува дека претседателот Вучиќ истакнал дека Србија, апсолутно со ништо, ниту со еден потег, не го прекршила ниту Белгискиот договор, ниту Резолуцијата 1244, ниту на кој било друг начин го загрозила зачувувањето на мирот.
Во продолжение се наведува дека претседателот на Србија рекол: „Седум дена трае потполната окупација со оклопни возила на северниот дел на Косово и Метохија што ја спроведува Приштина и сите во меѓународната заедница ‘громогласно молчат’. Сепак, сите одеднаш се загрижени кога на територијата на централна Србија ќе здогледаат српски хеликоптери и авиони, бидејќи, веројатно не би требало да постојат, или не би смееле да полетаат додека Курти или некој од меѓународната заедница не им го одобри тоа.“
Како што се соопштува од неговиот кабинет, Вучиќ истакнал дека Србија ги почитува сите меѓународни договори што ги има потпишано и дека секогаш ќе се однесува одговорно и сериозно, но дека и понатаму се прашува кога ќе започне формирањето на Заедницата на српски општини и кога оклопните единици на косовскиот премиер Албин Курти ќе бидат повлечени од северниот дел на Косово.
Изразувајќи благодарност до Столтенберг „на коректниот однос и желбата да ја сослуша и српската страна“, Вучиќ го поставил прашањето која норма и меѓународен пропис ги прекршила Србија денес, вчера или кога било.
Двајцата соговорници се договорија да останат во постојан контакт поради потребата за зачувување на стабилноста и мирот во целиот регион.
Српските граѓани од северниот дел на Косово од минатата недела ги блокираат патиштата што водат кон граничните премини Јариње и Брњак во знак на протест поради одлуката на Владата на Косово за воведување реципрочни мерки за задолжителни пробни таблички за возилата со регистарски таблички од Србија, како и за отстранување на КС од табличките и табличките со скратеници на градовите од Косово што ги издава Србија, кои се илегални на територијата на Косово.