Bojana Stojanovic
31 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес испрати писмо до претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, во кое му се заблагодарува за поддршката на напорите на Србија за зачувување на мирот и стабилноста на Западен Балкан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено од Претседателството на Србија, Вучиќ во писмото истакнал дека претседателот на САД со љубезно писмо уште еднаш ја нагласил подготвеноста на САД да помогнат во дијалогот меѓу Белград и Приштина, со цел да се најде решение за проблемот со Косово.
„Верувајте, почитуван претседателе, дека никому повеќе не му е до (постигнување) решение повеќе од мојата земја, затоа што проблемот со Косово е тешко бреме, пред сѐ за Србија и српскиот народ. Посветени сме на дијалогот да му пристапиме храбро и реално, размислувајќи за иднината на сите нас на Западен Балкан. Ги исполнивме и сите наши обврски според Бриселскиот договор“, наведува Вучиќ.
Меѓутоа, Вучиќ оценува дека Србија не може да го реши овој тежок проблем сама, без оглед на волјата и вербата, и потсети дека Србија е подготвена да го продолжи дијалогот штом се укинат таксите на производите од Србија.
„Сакам со ова писмо уште еднаш да ја истакнам и мојата цврста определба со заеднички сили да ги збогатуваме односите на нашите две земји. Горд сум што мојата земја во двете светски војни се бореше на страната на правото и правдата, и што бевме сојузници. Минатата година одбележевме еден век откога српското знаме се виореше над Белата куќа, во чест на храброста на Србија и жртвите што ги даде во Првата светска војна“, додава српскиот претседател во писмото.
Вучиќ упати повик до Трамп да ја посети Србија, како прв американски претседател по речиси 40 години.
„Со срдечни поздрави, примете ги, Екселенцијо, моите најсрдечни желби за понатамошен напредок на Вашата земја и благосостојбата на американските граѓани“, се наведува во писмото од српскиот претседател Вучиќ до претседателот Доналд Трамп.