17 Јануари 2022•Ажурирај: 17 Јануари 2022
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во седиштето на својата Српска напредна партија (СНС) изјави дека прелиминарните резултати од гласањето покажале дека граѓаните на Србија на референдумот гласале за уставни измени во судството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ на прес-конференцијата рече дека од 97,02 отсто обработени гласови на 60,48 отсто од граѓаните кои излегле на референдумот ги потврдиле измените на Уставот на Србија, а 39,52 отсто заокружиле „не“.
Тој нагласи дека разликата меѓу оние кои гласале за и оние кои гласале против измените на Уставот изнесува околу 400.000 гласови.
Избирачките места беа затворени во 20 часот, а според официјалните информации од Републичката изборна комисија, излезноста до 18 часот изнесувала 25,25 отсто.
Право на глас на над 8.000 избирачки места имаа нешто повеќе од 6,5 милиони граѓани, а одговараа на прашањето „Дали сте за потврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија“со заокружување на одговорот „да“ или „не“.
Републичката изборна комисија во саботата вечерта одлучи Србите од Косово да гласаат во Крушумлија, Рашка, Нови Пазар и во Врање, со оглед на тоа што Приштина не дозволи гласање, освен во просториите на Канцеларијата за врски во Приштина или преку пошта.
Во однос на излезноста, не постои цензус како услов за успех на референдумот, а рокот за објавување на официјалните резултати е петок, 21 јануари, до 20 часот.
Ако граѓаните го потврдат актот на референдумот, тогаш тој акт се смета за донесен на денот на референдумот.
Потоа, Собранието на Србија ќе донесе одлука за прогласување на актот за промена на Уставот наредниот ден од денот на поднесувањето на конечниот извештај за спроведениот референдум.