Балкан

Вучиќ во Сараево: „Важно е Србија и БиХ да соработуваат“

„Ова се вакцини за Федерацијата БиХ. Сега ја нарачавме и Модерна и така ќе имаме пет. Која и да ја сакате, која и да ја сакаат граѓаните на БиХ, ние ќе ја доставиме. Не се во прашањето вакцините, туку довербата едни во други“, изјави Вучиќ.

Vesna Besic  | 02.03.2021 - Обновена : 03.03.2021
Вучиќ во Сараево: „Важно е Србија и БиХ да соработуваат“ ( Foto: Elman Omić - Anadolu Agency )

САРАЕВО

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денес на Меѓународниот аеродром Сараево, по примопредавањето на донацијата со вакцини против коронавирусот (Ковид-19), порача дека се работи за пратка за Федерацијата Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Агенција Анадолија (АА).

„Среќен сум ако со тоа спасиме пет, десет или 20 животи. Тоа е важна и голема работа. Но, дојдов во неколку реченици да зборувам за нешто друго. На состанокот со членовите на Претседателството на БиХ ги замолив да размислат за идејата да направиме голем самит на Србија и БиХ во Белград на сите нивоа, но и со сите бизнисмени од сите делови на двете земји. Тоа да биде најголем самит што сме го направиле, самит на соработка, доверба, отвореност и да видиме на кој начин во иднината пошироко да ги отвориме границите едни кон други“, нагласи Вучиќ.

Тој појасни дека целта на самитот е луѓето да можат подобро да се чувствуваат и да имаат поголема трговска размена.

„Ова се вакцини за Федерацијата БиХ. Ние ќе ја доставиме која било вакцина што ја сакате од овие четири кои ги имаме. Сега ја нарачавме и Модерна и така ќе имаме пет. Која и да ја сакате, која и да ја сакаат граѓаните на БиХ, ние ќе ја доставиме. Не се во прашањето вакцините, туку довербата едни во други“, изјави Вучиќ.

Тој порача дека едни на други се најпотребни, бидејќи немаат никој поблизок.

„Денес кога очекувавме помош од многу помоќни, ние се осврнуваме едни на други. Важно е ние да соработуваме. Денес на моите домаќини им реков да се обидеме што повеќе да зборуваме со еден глас бидејќи тогаш сме посилни кога имаме еден глас кон Брисел и светот“, истакна Вучиќ.

Вучиќ денес допатува на Меѓународниот аеродром Сараево каде што се случи примопредавањето на донацијата со вакцините против коронавирусот.

Српскиот претседател беше дочекан од претседавачот и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додиќ и Шефик Џаферовиќ, а потоа на состанокот се приклучи и Жељко Комшиќ.

Се работи за контингент од 10.000 дози од вакцината на компанијата „АстраЗенека“, што Република Србија ѝ го донира на БиХ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın