Kemal Zorlak
19 Јануари 2022•Ажурирај: 19 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, по состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара рече дека на претседателот Ердоган му пренел дека Република Србија го почитува интегритетот на Босна и Херцеговина, и дека е важно почитување на интегритетот на Република Српска во рамките на Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ денеска во Анкара се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а по билатералната средба беше одржана и заедничка прес-конференција. Покрај билатералната соработка, една од темите беше и актуелната политичка криза во Босна и Херцеговина.
„Разговаравме за регионални прашања. Мирот и стабилноста немаат цена и затоа е важно да ги зачуваме мирот и стабилноста, да се однесуваме одговорно и сериозно, да ги разбереме сите околности во кои живееме и да ги туркаме нашите земји напред, а не во минатото. Минатото е важно да го знаеме, да извлечеме поуки од него, да го проучуваме, но важно е со свои раце да градиме поинаква и подобра иднина“, рече Вучиќ на почетокот на обраќањето.
Тој уште еднаш укажа на значењето на стабилноста, мирот и разговорот.
„Почитувањето на Дејтонскиот договор е од суштинско значење и ми се чини дека добро се разбираме по тоа прашање. На претседателот Ердоган му кажав дека Република Србија го почитува интегритетот на Босна и Херцеговина, како што секогаш истакнуваме дека е важно почитување на интегритетот на Република Српска во рамките на, нагласувам во рамките на БиХ. Тоа е нашата политика, нема да отстапиме од неа, таа е во согласност со Дејтонскиот мировен договор и тоа е единствената политика што може да ни гарантира зачувување на мирот“, порача Вучиќ.
Тој додаде дека Србија со Турција наоѓа заеднички јазик и дека ќе се труди секогаш да го наоѓа и во иднина.
„Тоа ќе го правиме заеднички, иако е многу тешко да се направи тоа. Бидејќи што и да каже претседателот Ердоган, дел од српските медиуми тоа ќе го дочекаат со сомнеж, што и да кажам јас, дел од бошњачките медиуми не со сомнеж, туку многу повеќе од тоа, или многу полошо ќе го дочекаат. Создадена е таква атмосфера на недоверба и затоа мора заеднички многу да работиме, да ја враќаме довербата и вербата, верувам дека со заедничка работа тоа можеме да го направиме“, додаде Вучиќ.
Кога станува збор за билатералните односи на Србија и Турција, Вучиќ нагласи дека соработката меѓу двете земји расте во сите области.
„Потпишавме договори во областа на образованието, туризмот и културата, тоа се области од исклучително значење за нас“, рече Вучиќ.
Истакна дека Ердоган за време на состанокот рекол и дека ЕрСрбија од Ниш ќе лета за Истанбул. Во тој контекст, Вучиќ изрази задоволство и од неодамнешното започнување на летовите од Белград до Анкара, велејќи дека е многу важно луѓето од Србија, освен Истанбул, да ја посетат и Анкара.
„Нашата економска соработка расте, минатата година беше најголема во историјата во однос на трговската размена. Нашата цел е да дојдеме до пет милијарди евра трговска размена, тоа е добро за економиите на двете земји“, рече Вучиќ.
Додаде дека Србија во рамките на проектот за поврзување на регионот веќе има изградено 19 километри пат кој треба да ги поврзе Белград и Сараево, но и Белград и Бања Лука. Рече дека очекува претседателот Ердоган многу брзо да ја посети Србија и да го види изведувањето на работите во кои се вклучени и турски компании.