БЕЛГРАД (АА) - Српскиот премиер и претседател на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, синоќа истакна дека веќе нема да биде премиер на Србија, без оглед на тоа дали ќе победи на претседателските избори или не, јавува Anadolu Agency (АА).
„Ова може да е мојот последен голем настап како премиер, и сакам да зборувам за резултатите на Владата. Без оглед дали ќе бидам претседател или не, нема веќе да бидам претседател на Владата“, рече Вучиќ во интервју за Радио-телевизија Србија.
Тој рече дека Претседателството на СНС ќе му предложи на Главниот одбор на СНС тој да биде претседателски кандидат, но дека крајната одлука ќе ја донесе Главниот одбор в петок.
„Суштината е во она на што инсистирав, реков дека ова прашање е од големо значење за иднината на Србија. Не станува збор за компетенциите или дека не ја сакате вашата работа како претседател на Владата. Својата работа како претседател на Владата ја извршувам со гордост... Ја прифатив кандидатурата само поради тоа што мислам да направам континуитет на просперитетот во Србија“, рече Вучиќ и додаде дека сака од најмоќното место да оди на она кое има десетина од таа моќ за да ја сочува стабилноста.
Тој изјави дека не мисли оти ќе биде победник, ниту дека тоа ќе биде лесно, но дека со коалициските партнери полесно ќе оди против оние, за кои рече дека се собираат и сакаат Србија да ја вратат во времето на пљачкашките приватизации. Вучиќ рече дека не може да ја исклучи можноста паралелно со претседателските да се одржат и парламентарни избори, како и дека не му доаѓа на ум да кажува кој ќе биде негов наследник на премиерското место.
Тој не сакаше да зборува за разговорите што ги водел со претседателот Томислав Николиќ, но повтори дека оние што би гласале во СНС за него, гласале и за Николиќ. Вучиќ додаде дека доколку биде претседател, жестоко ќе ја контролира Владата во согласност со овластувањата што ги има претседателот на Републиката, и дека ако стане претседател, нема да седи во зградата на Андриќев венец, туку во Палатата на Србија.
Тој истакна оти се знае кој води валкани кампањи во Србија, кој прави валкани спотови и ги прекинува трибините. „Кампањата ја водат одредени ДОС-овски кандидати. Тие немаат право да водат таква кампања. И никој не ги прашува од каде ви се тие пари (за кампањата)“, рече Вучиќ. Тој додаде дека на следното Собрание на СНС нема да се кандидира за претседател на партијата.
Покрај Вучиќ, кандидатура за претстојните претседателски избори најавија уште шестмина кандидати. Кандидатите на опозицијата се до неодамна заштитник на градот Саша Јанковиќ, поранешниот српски министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, претседателот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, претседателот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, претставничката на дијаспората Даниела Сремац и членот на Српската народна партија, која е во владејачката коалиција, Милан Стаматовиќ.
Доколку Вучиќ стане претседател на Србија, не е потребно да се распишуваат вонредни парламентарни избори, бидејќи законите во Србија тоа не го наложуваат. Всушност, Владата на Србија избира просто мнозинство на пратеници во Собранието на Србија, на предлог на мандатарот за состав на Владата. Претседателот му го доверува мандатот за состав на Владата на Србија на лицето што има најголеми шанси да оформи Влада.
Да потсетиме, коалицијата „Александар Вучиќ – Србија победува“, која на парламентарните избори во 2016 година ја предводеше СНС, има 131 пратеничко место во српскиот Парламент, што е повеќе од 50 отсто од вкупниот број од 250 пратеници. Вучиќ, според претходните најави, ќе го поддржи и коалицискиот партнер во Владата – Социјалистичката партија на Србија и Единствена Србија, кои заедно имаат 29 пратеници во Собранието. Претседателскиот мандат во Србија трае пет години, а изборите за претседател ги распишува претседателот на Собранието.
Изборите мора да бидат распишани најдоцна 90 дена пред истекот на мандатот на актуелниот претседател и треба да бидат завршени во текот на следните 60 дена. Од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето не може да минат помалку од 30 дена. Мандатот на актуелниот претседател на Србија, Томислав Николиќ, истекува на 31. мај.
news_share_descriptionsubscription_contact
