Балкан, Коронавирус

Во Хрватска првата доза на вакцината против Ковид-19 ја примија 45.906 лица

Во текот на оваа недела, ќе започне вакцинацијата со втората доза на лицата што беа вакцинирани од 27 декември

Bojana Stojanovic  | 17.01.2021 - Обновена : 18.01.2021
Во Хрватска првата доза на вакцината против Ковид-19 ја примија 45.906 лица

ЗАГРЕБ (АА) - Првата доза од вакцината против коронавирусот во Хрватска досега ја примија вкупно 45.906 лица, а од утре, 18 јануари, ќе започне вакцинацијата со втората доза, јавува Anadolu Agency (AA).

Вакцинацијата во Хрватска започна на 27 декември минатата година, а првото лице што се вакцинираше беше Бранка Анишиќ, корисник на Домот за стари лица во Загреб „Трежњевка“.

Во текот на оваа недела, ќе започне вакцинацијата со втората доза на лицата што беа вакцинирани од 27 декември. Со тоа ќе започне процесот на ревакцинација за оние што веќе ја примиле првата доза на вакцината на компанијата Фајзер/БиоНТех, првата вакцина регистрирана во Европската Унија.

Сите лица вакцинирани со вакцината на Фајзер треба да се ревакцинираат со иста вакцина за три недели. Светската здравствена организација препорачува оптималниот период помеѓу приемот на првата и втората доза на вакцината на Фајзер да биде од 21 до 28 дена. Врз основа на достапните податоци од клиничките студии, максималниот интервал помеѓу примањето на првата и втората доза не треба да биде подолг од шест недели, барем додека не се соберат научни докази што ја потврдуваат оправданоста за поголеми интервали.

Вакцинацијата со втората доза ќе се организира првенствено на исто место, односно на ист начин како и при првата вакцинација. Точните термини за ревакцинација ќе ги одредат здравствените установи и домовите за стари и немоќни лица што ја спроведоа и првата вакцинација.

Во Хрватска вакцинацијата се врши и со вакцината на производителот „Модерна“, што се дава во две дози, но во интервал од најмалку четири недели меѓу двете дози.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.