Bojana Stojanovic
05 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
БЕЛГРАД (АА) - Се надевам дека вакцината против коронавирусот во Србија во наредните четири дена ќе ја примат 8.500 здравствени работници и 2.500 лица во геронтолошките центри, изјави државниот секретар на Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Вакцинацијата на здравствените работници започнува денес, сметаме дека нашите колеги дадоа голем придонес во оваа борба и заслужуваат да бидат приоритетна група“, изјави Ѓерлек за телевизија „Прва“.
Како што рече, досега со вакцината на Фајзер/БајоНТех се вакцинирани околу 1.300 корисници на геронтолошките центри и немало поголеми несакани ефекти.
„Се надевам дека денес и во следните четири дена вакцината ќе ја примат околу 11.000 лица, 8.500 здравствени работници и 2.500 лица во геронтолошките центри“, додаде тој.
Според него, денес вакцинацијата започнува во клиничките центри во Нови Сад, Крагуевац и Ниш, а по Божиќ, во петок, сабота и недела, продолжува во геронтолошките центри и во најмалку десет до 15 општи болници.
„Од недела во недела го зголемуваме темпото да вакцинираме што повеќе луѓе, да дојдеме до колективен имунитет“, рече Ѓерлек.
Како што наведе, „во моментот заразеноста е 30 отсто“ и потребно е да се вакцинираат најмалку 1,4 милиони луѓе со цел да се стабилизира епидемијата на коронавирусот, а помеѓу два и три милиони „за да бидеме сигурни дека сме го победиле Ковид-19“.
Директорката на Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ-Батут“, Верица Јовановиќ, изјави дека целта е оваа година со вакцинација да се опфатат најмалку 20 проценти од целокупното население, за со имунитетот што го има постигнато популацијата што го прележала Ковид-19 да бидат опфатени 60 проценти.
Вакцинацијата против коронавирусот ќе продолжи и денес на повеќе од 30 локации и на околу 110 пунктови за вакцинација.