Besar Ademi
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Илјадници граѓани во знак на протест денеска во Скопје маршираа мирно од зградата на Владата на Република Македонија до Собранието со цел да го изразат своето незадоволство, поради, како што велат, „прифаќањето на платформата на албанските партии од лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ ), Зоран Заев“, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓаните собрани во организација на иницијативата на новоформираната „За заедничка Македонија“ велат дека станува збор за зачувување и заштита на единството на Република Македонија „главно за заштита на македонскиот јазик, кој е коренот на опстанокот и идентитетот на македонскиот народ“.
Тие бараат од политичките лидери приоритет да им бидат националните и државните интереси, и да не ги прифатат платформите, како што велат, донесени од надвор од Македонија, да влијаат на внатрешната политика во земјата.
Иако организаторите повикаа на протестот да не се прикажуваат етнички, политички или религиозни симболи, туку да бараат решение за оваа политичка криза на демократски начин, на маршот имаше националистички слогани против албанскиот народ.
Протестот заврши мирно пред Собранието на Република Македонија. Организаторите кои одржаа говори предупредија дека ќе протестираат секој ден се додека политичките партии не ја решат актуелната политичка криза што ја зафати земјата. Тие велат дека протестираат против промената на Уставот, името и корените на држвата.
Денес попладне лидерот на СДСМ, Зоран Заев, до претседателот на Република Македоонија, достави доказ дека обезбедил парламентарно мнозинство за формирање на новата Влада,а од кабинетот на претседателот најавија дека по поднесувањето на доказот, се очекува Иванов да ја донесе одлуката за доделување мандат во наредните денови.
Инаку, по изборите од 11 декември Иванов му го додели мандатот за формирање на новата влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во рок од 20 дена не успеа да формира парламентарно мнозинство, по што Иванов ги повика на консултации лидерите на партиите кои добија пратенички места во Собранието на Република Македонија.