Abdulbesar Ademi
16 Декември 2022•Ажурирај: 17 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) – Дојавите за бомби во главниот град на Северна Македонија, Скопје, продолжија и денеска, а меѓу целите овој пат беше хотелот во кој беше организиран настан на кој се очекуваше учество на премиерот Димитар Ковачевски, како и Меѓународниот аеродром Скопје, јавува Агенција Анадолија (AA).
Конференцијата, која сега е откажана, ја организира Стопанската комора на Северна Македонија, а на отворањето на конференцијата беа најавени говори на премиерот Ковачевски, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Заканата за бомба пристигнала утрово на и-мејл адресата на хотелот, а слични закани стигнале и на и-мејл адресите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Спортската сала „Борис Трајковски“ и Меѓународниот аеродром Скопје.
Дојавата за бомба утринава на Меѓународниот аеродром предизвика откажување на сите летови, а потврдена е и евакуација на персоналот и патниците од аеродромската зграда.
Началничката на одделението за односи со јавноста при Министерството за внатрешни работи, Наталија Спирова, за АА ги потврди дојавите за бомби на горенаведените места. Таа нагласи дека во секторите за внатрешни работи во Скопје и во Битола исто така биле пријавени закани за експлозивни направи поставени во десет училишта во Скопје и пет во Битола.
„Веднаш по добиените пријави, од страна на полициски службеници преземени се мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористичките проверки. Се преземаат мерки за расчистување на случаите“, рече Спирова.
Во главниот град изминативе денови имаше бројни дојави за бомби, а цел беа основни и средни училишта, трговски центри и институции.
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, вчера бил ден со најмногу дојави за бомби во училиштата во земјата, откако тие почнаа да пристигнуваат на електронски адреси на крајот на октомври. Министерството нагласи дека вчера повеќе од 50 основни и средни училишта во Скопје и Куманово биле цел на закани преку електронски адреси за поставени експлозивни направи, меѓу кои 17 основни и 22 средни училишта од главниот град.
Досега, полицијата во земјата, по проверките утврди дека сите дојави за бомби биле лажни.