Edıta Zekjırovıkj
11 Јули 2021•Ажурирај: 12 Јули 2021
Во Скопје се одржа традиционалниот Марш на мирот, со кој граѓаните од различните етнички заедници во Република Северна Македонија, меѓу кои и Бошњаците, го одбележаа 11 Јули - Денот на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организатор на Маршот на мирот е Општина Чаир во соработка со бошњачката заедница, а на настанот организаторите и учесниците положија цвеќе на споменикот подигнат во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, што е поставен во паркот во Општина Чаир.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, истакна дека Општина Чаир е мултиетничко општество во кое живеат голем број Бошњаци и дека овој настан е од големо значење за соживотот и заедничката иднина во Општината.
„Овој меморијал ќе стои овде во срцето на нашата општина и сите ќе можете да го посетите. Ќе има своја патека. Опкружен со зеленило ќе ја носи својата симболика - почитување на жртвите од геноцидот во Сребреница“, рече Ганиу.

Ганиу додаде дека во блиска иднина, во присуство на бошњачките власти од Северна Македонија, како и од Босна и Херцеговина, во Општината Чаир ќе биде и официјално откриен споменикот во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот.
Потсетуваме, низ годините наназад Бошњаците во Северна Македонија со низа информативни и културни настани се присетуваат на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Собранието на Република Северна Македонија во февруари 2010 година ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница.

Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на ОН“ во Сребреница.
Во геноцидот се убиени 8.372 лица, а десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.