Abdula Berisha
01 Мај 2019•Ажурирај: 02 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Северна Македонија се одбележа Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, кој традиционално во светот се одбележува во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права, јавува Anadolu Agency (AA).
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата оваа година се организираа под мотото „На 1 Мај каде си? За свои права, на улица си“.
Сања Арсовска, претседателка на Синдикатот на културата, рече дека од минатата година имале три барања до Министерството за култура: валоризација на стручното звање, донесување нов Закон за култура и потпишување на нов колективен договор.
Од овие три барања, таа рече дека е исполнета само валоризацијата на стручното звање, додека како привремено решение пред постигнувањето на колективниот договор е спроведена нивелација на платите по што 80 отсто од вработените ќе примаат повисоки плати.
„Свесни сме дека нивелацијата не е решавање на наталожените проблеми, туку само затворање на некои рани коишто биле отворени во минатото. Затоа, уште еднаш повикувам до Министерството за култура на повеќе ажурност за побрзо донесување на Законот за култура и конечно потпишување на колективниот договор“, рече Арсовска.
Ѕвездан Георгиевски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, рече дека е јасно дека не се постигнати идеалите на 1 Мај, затоа што како што истакна тој, со години се води битка за истите права.
„Просто е неверојатно дека како новинари сè уште немаме колективен договор. Дури државата оди до таму што практично и немаме со кого да го потпишеме тој договор“, рече Георгиевски.
Тој изрази надеж дека нема да се чека многу години за реализација на правата и дека „1 Мај ќе биде празник на трудот, а не протест за трудови права“.
Мира Беќар од Независниот академски синдикат рече дека е среќна за донесувањето на новиот Закон за високо образование, но дека е разочарана затоа што една година по донесувањето на законот „ништо не е променето“.
Беќар нагласи дека бараат спроведување на новиот закон, како и прогресивно зголемување на платите, за што и понудиле модел според кој би растеле платите.
„Ние повторно учествуваме во сите тие процеси и понудивме и модел за пресметување на платите и очекуваме министерот Арбер Адеми да ни се јави, бидејќи дадовме некој рок од 10 дена, а тие 10 дена истекуваат по празниците“, рече Беќар.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Северна Македонија од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај, а до 2006 година неработни беа 1 и 2 мај.
Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржа од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго, кога демонстрантите бараа воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот беа изведени пред суд, а четворица од нив беа погубени.
Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржа во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.