Dzihat Aliju
05 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје започна четвртиот по ред Меѓународен студентски конгрес во организација на Интернационалниот балкански универзитет (ИБУ), јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето на конгресот, кој се одржува во Скопје, покрај големиот број академици и студенти, учествува и вицепремиерот на Владата на Република Македонија одговорен за евроинтеграции, Бујар Османи.
Во изјавата што вицепремиерот Османи ја даде за новинарите, тој го истакна своето задоволство од тоа што како претставник од Владата на Македонија е дел од овој конгрес, на кој учествуваат студенти од различни земји.
„Задоволство ми е денеска во име на Владата да одржам говор пред група студенти од различни земји, на овој настан организиран од Балканскиот универзитет. Големо е задоволството што Македонија е домаќин на ваков настан каде што се зборува за новата ера, за новите предизвици на глобализацијата. Тоа е нашата цел како секретаријат, како Влада, да ги донесеме европските вредности во Македонија и во нашето општество“, истакна Османи.
- На Конгресот учествуваат 80 студенти од 35 земји
Ректорот на ИБУ, проф. д-р Исмаил Коџајусуфоглу, истакна дека конгресот секоја година се организира од страна на студентите на универзитетот.
Истакнувајќи го своето задоволство поради големиот интерес за конгресот и присуството на вицепремиерот на Македонија, Османи, ректорот Коџајусуфоглу изјави: „Студентите на академско и на научно ниво ќе дискутираат за тоа што очекува новиот свет од нас. Одделно, тие ќе имаат и активности и дискусии околу начинот за постигнување мир во светот“.
Дукица Павловиќ, студентка на ИБУ и истовремено претседател на Организацискиот комитет, информираше дека на конгресот учествуваат 80 студенти од 35 земји и додаде дека се почестени што ИБУ е домаќин на оваа меѓународна активност, на којашто учествуваат голем број студенти.
Четвртиот меѓународен студентски конгрес на темата „Создавање нов свет во ера на глобализација“, поддржан од претседателството на културниот центар „Ататурк“, ќе трае до 6. октомври.