Furkan Abdula
08 Февруари 2023•Ажурирај: 10 Февруари 2023
СКОПЈЕ
Во Северна Македонија, Албанија и Косово со иницијативи на различни организации се собираат донации за погодените од разорните земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени кои во понеделникот ја потресоа Туркије, јавува Анадолу.
Бројни здруженија, организации, институции и иницијативи во Северна Македонија се мобилизираа за да им понудат помош на погодените од овие земјотреси.
Веднаш по земјотресот повеќе организации кои упатија апел за помош и солидарност со Туркије, започнаа кампањи за собирање донации од различен вид.

Покрај помошта од Владата на Северна Македонија, и бројни институции од локалната и централната власт, невладиниот сектор, исто така, собираат донации од различен вид, како ќебиња, конзервирана храна, пијалаци, средства за хигиена, облека, како и помош во парични средства.
На Плоштадот „Македонија“ и во Старата скопска чаршија се поставени шатори за собирање донации.

Меѓу организациите во Северна Македонија кои собираат донации за помош на погодените од земјотресите во Туркије се наоѓаат Црвениот крст на Северна Македонија, Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Стопанската комора на Македонија-Туркије (МАТТО), здруженијата „Легис“ и „Класје на добрина“, како и бројни други организации.

Државните институции исто така праќаат екипи за спасување во Туркије.
Различни организации во Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија собираат донации од различен тип, додека државните институции праќаат спасувачки екипи.
