Furkan Abdula
01 Јули 2022•Ажурирај: 03 Јули 2022
ОХРИД (АА) - Во Охрид се одржа завршна програма на „Балканската академија за историја и култура“ организирана во соработка на Претседателството на Турците и сродните заедници во странство (ЈТБ) од Туркије и Здружението „Ќопру“ (Мост) од Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
На настанот присуствуваа претседателот на ЈТБ, Абдула Ерен и неговата делегација, како и претставници на турски и локални организации и здруженија во земјата, како и студентите учесници на оваа академија.
Ерен во изјава за медиумите истакна дека како институција организираат различни активности во балканските земји со цел давање придонес во образување на младите.
Тој рече дека на студентите им нудат поддршка во различни области како економијата, политиката, културата, уметноста, историјата, претприемништвото и спортот, и дека во рамки на програмата за стипендирање на студенти, секоја година над 1.000 студенти од балканските земји добиваат стипендии за студирање во Туркије.
Според него, на Балканската академија за историја и култура зеле учество околу 30 студенти од Северна Македонија, Албанија, Косово, Бугарија и Грција.
Ерен истакна дека во рамки на академијата го пренеле историското и културно наследство кое Османлиската Империја го оставила на Балканот.
„Треба многу подобро да се запознаеме меѓусебно. Да се запознаеме подобро меѓусебно за да ги зајакнеме братските врски. Да се запознаеме со нашите проблеми за заедно да најдеме решенија. А за тоа треба да го знаеме минатото. За да се подготвиме за иднината, треба да го знаеме минатото“, рече Ерен.
Претседателот на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, кој воедно е и претседател на Здружението „Ќопру“, рече дека оваа академија е добра прилика за обединување на студентите кои доаѓаат од различни краишта на Балканот.
Емин нагласи дека во рамки на академијата биле одржани предавања за различни теми во врска со османлиската култура.
„Можеби за три дена не можеме да научиме повеќе нешта, но сметам дека тоа отвора пат и дава ориентација за учење на одредени нешта“, рече Емин, упатувајќи благодарност до Ерен и останатите кои дале придонес во организацијата.
На крајот на програмата беа доделени сертификати за студентите кои ја следеа оваа академија.
Инаку, академијата се реализира во периодот од 27 јуни до денес, 1 јули.