Zylfije Adem Jakupi
17 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
ПРИШТИНА (АА) – Во Косово, утрово во 7 часот се отворија гласачките места, на кои до 19 часот ќе се гласа за нова локална власт, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во 883 гласачки центри се гласа за градоначалници и советници во 38 општини. Граѓаните со право на глас имаат право да гласаат само за еден советник.
Централната изборна комисија на Косово потврди дека на локалните избори право на глас имаат 1.885.448 гласачи, додека за гласање преку пошта се регистрирале 15.532 гласачи на Косово.
За одржување на нормалниот тек на изборите ангажирани се околу 3.000 полицајци, додека дежураат 35 судии и 80 обвинители.
Процесот на гласање се одвива со почитување на мерките против Ковид-19, со користење маски и одржување физичка дистанца.
Владата на Косово одлучи дека од сабота од 22 часот до 5 часот во понеделник наутро ограничувањето на движењето што е на сила поради пандемијата нема да важи за лицата кои официјално се ангажирани во организацијата и спроведувањето на изборниот процес. Ова вклучува 15.000 членови на гласачки одбори и околу 25.000 набљудувачи на изборниот процес.
Истовремено, Министерството за образование одлучи дека во училиштата кои се гласачки центри во понеделник нема да се одржи физичка, туку онлајн настава, за да има време да се дезинфицираат училиштата.
На локалните избори учествуваат 89 политички субјекти, од нив 32 се политички партии, 33 граѓански иницијативи, една изборна коалиција и 23 независни кандидати.
За градоначалници во 38 општини се натпреваруваат вкупно 166 кандидати, од кои 14 се жени, додека за општински советници се пријавиле 5.198 кандидати.
Предизборната кампања траеше 30 дена, а Демократијата на дело (ДнД), мрежа на организации што ги следат изборите во Косово, соопшти дека мерките за борба против пандемијата предизвикана од коронавирусот слабо се почитувале, но дека добар дел од кампањата се пренел на социјалните мрежи.
Можниот втор круг за избор на градоначалник, во случај ниту еден кандидат во првиот круг да не освои повеќе од 50 проценти гласови, ќе биде одржан на 14 ноември. Општинската власт се избира со четиригодишен мандат.
Ова се седми избори за собранијата на општините од завршувањето на војната во Косово во јуни 1999 година, додека претседателите на општините или градоначалниците непосредно се бираат на избори од 2007 година.