Балкан, Коронавирус

Во Косово рекордни 195 новозаразени со коронавирусот

Бројот на позитивни случаи од почетокот на епидемијата е 3.703 од вкупно 25.674 тестирани лица, со 79 смртни случаи од Ковид-19

Zylfije Adem Jakupi  | 07.07.2020 - Обновена : 08.07.2020
Во Косово рекордни 195 новозаразени со коронавирусот

ПРИШТИНА (АА) - Во Косово регистрирани се рекордни 195 новозаразени со коронавирусот, додека уште 4 пациенти починаа, пренесува Агенција Анадолија (AA).

Националниот институт за јавно здравје на Косово соопшти дека на 6 јули тестирани се вкупно 429 сомнителни примероци земени од Клиниката за инфективни болести и со следење на контактите, од кои 195 се позитивни случаи. Повеќето од овие позитивни случаи се во Општина Приштина, дури 102 случаи.

Вкупниот број на позитивни случаи досега е 3.703 од вкупно 25.674 тестирани лица, со 79 смртни случаи од Ковид-19 на лица што имале и други придружни болести.

Излекувани се уште 44 пациенти, што е вкупно 1.946 излекувани случаи. Во моментот има 1.688 активни случаи.

По големиот раст на бројот на заразени и починати во последните две недели, Владата на Косово донесе нови мерки за борба против пандемијата на Ковид-19.

Во градовите со голем број заразени (Приштина, Призрен, Урошевац и Вучитрн) воведена е забрана за движење на граѓаните од 21 до 5 часот наутро.

На угостителските објекти им е забранета работата од 21 до 5 часот наутро на целата територија на Република Косово. Сите субјекти што обезбедуваат јавен превоз (автобуси, комбиња, такси) мора да работат со половина од својот капацитет во однос на бројот на патници што ги превезуваат за да обезбедат простор потребен за секој патник.

Исто така, наложени се низа мерки кои се однесуваат на реорганизација во здравствените установи, со цел борба против пандемијата на Ковид-19.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın