Fatjon Cuka
01 Февруари 2025•Ажурирај: 01 Февруари 2025
ТИРАНА (АА) - Во Италија ќе биде вратена и третата група илегални мигранти кои пред неколку дена пристигнаа во Албанија, јавува Анадолу.
Според медиумските извештаи, Апелациониот суд во Рим одлучил илегалните мигранти кои се сместени во кампот во Лежа, Албанија, треба да бидат вратени во Италија.
Од албанските институции нема информации за ова прашање, додека медиумите јавуваат дека според одлуката на судот, на 1 февруари во Италија ќе бидат испратени 43 мигранти кои моментално се во кампот во Лежа.
На 28 јануари, еден брод на италијанската морнарица со 49 мигранти пристигна во пристаништето Шенѓин во утринските часови, придружуван од претставници на италијанските власти, но дел од мигрантите набрзо потоа се вратија во Италија по судската одлука.
Пристигнувањето во Албанија на уште една група илегални мигранти повторно го активираше договорот со Италија за центрите за мигранти.
Во текот на 2024 година пристигнаа две групи мигранти, но по одлука на италијанските судови тие беа вратени во Италија.
- Протокол Албанија-Италија
На 6 ноември 2023 година беше потпишан протокол меѓу Албанија и Италија за зајакнување на соработката по прашањето на миграцијата, а истиот предизвика реакции и во Албанија и Италија.
Протоколот, врз основа на кој беа формирани прифатни центри за илегални мигранти во Албанија, беше потпишан од албанскиот премиер Еди Рама и италијанската премиерка Џорџа Мелони и беше ратификуван од албанскиот Парламент на 22 февруари 2024 година.
Според Владата на Албанија, овој протокол има за цел зајакнување на билатералната соработка меѓу страните за управување со миграциските текови од трети земји, во согласност со меѓународното и европското право.
Во меѓувреме, според протоколот, надлежните албански органи дозволуваат влез и престој на албанска територија на мигранти згрижени во објектите што се изградени со единствена цел спроведување на гранични процедури или репатријација.
Со центрите што се формирани во регионот Лежа управуваат италијанските власти.