Во историското село Галичник продолжува да се негува вековната свадбена традиција
– Во планинското село Галичник, во западниот дел на Северна Македонија, и оваа година се одржа традиционалната манифестација Галичка свадба. Настанот со стотици години долга историја понуди шарени и уникатни сцени

ГАЛИЧНИК (AA) – Во планинското село Галичник, во западниот дел на Северна Македонија, и оваа година се одржа традиционалната манифестација Галичка свадба. Настанот со стотици години долга историја понуди шарени и уникатни сцени, известува Анадолу.
Галичката свадба е настан кој е едно од најважните културни наследства на земјата.
Голем број посетители од различни делови на Северна Македонија и од странство беа сведоци на оваа церемонија, на која младоженецот и невестата се венчаваат според традиционалните галички обичаи.
На церемонијата присуствуваа и претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како и претставници од различни државни институции и организации.
- Настанот трае три дена
Под покровителство на Претседателството на Северна Македонија и со поддршка на Министерството за култура и туризам, настанот започна на 11 јули и ќе заврши денес.
Секоја година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба. Еден од предусловите е барем еден од младите да потекнува од галичко семејство.
Оваа година во брак стапија Јован Филипоски и Љиљана Михајлоска. Свадбата започна со традиционални звуци на тапани и зурли.
По традиционалното бричење на младоженецот во селото, неговите најблиски се собраа формирајќи свадбена поворка. Во шарени носии, поворката се движеше низ селските улици, меѓу камените куќи, до домот на невестата, придружена од звуците на тапани и зурли.
За Јован и Љиљана беше организирана и верска венчавка во селската црква.
На традиционалната свадба што се одржа на плоштадот, фолклорните танци и ора со голем интерес беа следени од присутните гости.
Оваа вековна свадбена традиција како фестивал се организира од 1963 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.