Fatjon Cuka
03 Март 2023•Ажурирај: 04 Март 2023
ТИРАНА (АА) - Во Албанија повторно се одржа антивладин протест во организација на опозициската Демократска партија на Албанија (ДП) и со поддршка на други опозициски партии, јавува Анадолу.
Протестот се одржа пред седиштето на Советот на министри на Албанија, со учество на бројни граѓани, а според организаторите, протестот се одржа за заштита на „демократијата, плурализмот и слободното гласање“.
Опозициските партии го обвинуваат премиерот на Албанија, Еди Рама, за корупција и поврзаност со поранешниот агент на ФБИ, Чарлс Мекгонигал, барајќи оставка од премиерот Рама и формирање парламентарна истражна комисија за овие тврдења.
На протестот учествуваше и поранешниот премиер на Албанија и пратеник на ДП, Сали Бериша, како и поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, кој воедно е и претседател на опозициската Партија на слободата, кои имаа свои обраќања на протестот.
Од друга страна, бројни демонстранти протестираа и пред Апелациониот суд во Тирана.
Во текот на месец февруари во Тирана се одржаа уште неколку антивладини протести.