Ivana Ramadanova
14 Февруари 2018•Ажурирај: 14 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија на синоќешната 54. седница донесе одлуки за поддршка на две нови странски инвестиции, информираше на денешната прес-конференција портпаролот Миле Бошњаковски, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Владата на Република Македонија соопшти дека првата инвестиција е компанија за лекови која ќе инвестира 20 милиони евра, и се наоѓа во ТИРЗ-от во Скопје, додека пак втората инвестиција е компанија која се наоѓа во Технолошко-индустриската развојна зона Прилеп и ќе инвестира 6 милиони евра.
На владината седница била разгледана и усвоена информацијата за изработката на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките.
Преземени се мерки и активности со што е отстранета опасноста Охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО.
Воедно, портпаролот на Владата информираше дека Владата ги разгледа и ги усвои измените и дополнувањата на Уредбата за критериуми за субвенционирањето на тутунот, додавајќи дека со измените во уредбата, почнувајќи од реколтата 2017 година, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции со што директно се стимулира производството на квалитетен тутун. Одлуката се однесува на целокупната количина тутун според категориите и типовите опфатени со уредбата.
На седницата, како што истакна портпаролот, Владата ја разгледа и ја усвои информацијата на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми, Македонски шуми - Скопје, за вкупно потрошените финансиски средства за спроведување на Акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ од почетокот на акцијата до 2016 година.
„Од 2008 до 2016 година се потрошени 17,8 милиони евра, успешноста на засадените садници е на ниво од 21 процент. Дополнително, преку оваа акција се потрошени 31 милион денари за засадување палми, а во извештајот се наведува дека ниту една палма не преживеала“, истакна Бошњакосвки.
Владата, како што информира портпаролот Бошњаковски, донесе и одлука да се изврши продажба на патничкото моторно возило Мерцедес Бенц С600 преку електронскиот систем за јавно наддавање, со кој управува и оперира Министерството за финансии.
Оттаму информираат дека почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно проценката на Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208,00 денари (230.000 евра). Јавното наддавање ќе се изврши електронски.