Husamedin Gina
19 Март 2021•Ажурирај: 20 Март 2021
СКОПЈЕ
Портпаролот на Владата на Северна Македонија, Душко Арсовски, истакна дека институциите имаат капацитет и гарантираат спроведување на Пописот во согласност со сите здравствени протоколи и дека граѓаните ќе бидат заштитени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, денеска одржаа заедничка прес-конференција, на која се осврнаа на Пописот на населението, домаќинствата и становите закажан за април оваа година.
На прес-конференцијата исто така присуствуваа и портпаролот на Министерството за правда, Александар Видиновски и Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.
Портпаролот Арсовски, истакнувајќи дека методологијата е дефинирана според сите стандарди на Обединетите нации и на Еуростат, рече дека таа методологија гарантира успешност.
„Институциите имаат капацитет и гарантираат спроведување на Пописот во согласност со сите здравствени протоколи во услови на пандемија и граѓаните ќе бидат заштитени“, нагласи портпаролот Арсовски.
Александар Видиновски, портпаролот на Министерството за правда, рече дека Пописот во воспитно-поправните домови, затворите се одвива успешно и дека нема пријавено дека некое лице е инфицирано со коронавирусот за време на попишувањето.
Видиновски, истакнувајќи дека првата фаза на Пописот е спроведена успешно, рече дека заклучно со 15 март завршено е попишувањето на вработените кои се во дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, како и на нивните семејства.
Од друга страна, портпаролот на Владата, Муамет Хоџа, се осврна на самопопишувањето на населението од дијаспората.
„Процесот се одвива без проблеми. Отстранети се сите технички грешки кои се појавија на почетокот на процесот. Задоволни сме од одѕивот на попишаните граѓани и истовремено уверуваме дека како Влада остануваме посветени за успешна реализација на оваа статистичка операција“, рече Муамет Хоџа.
Муамет Хоџа исто така информира дека заклучно со денеска, 19 март, од дијаспората се вкупно попишани над 82.000 наши сограѓани.
Според портпаролот, најголем број на попишани граѓани има во Швајцарија - над 26.000, потоа следува Германија со околу 19.000, и Италија каде што се самопопишани над 10.000 лица.
Портпаролот уште еднаш упати апел до дијаспората активно да учествува во реализација на Пописот кој ќе трае до 21 април 2021 година.
Одговарајќи на новинарско прашање за тивкиот бојкот на Пописот во дијаспората и во земјата, Јасмина Ѓоргиева, портпаролката на Државниот завод за статистика, рече дека тивкиот бојкот на дијаспората се почувствува од сите јавувања на нашинците, меѓутоа, дека во последните денови наративот е сменет и дека тие кои повикувале на бојкот сега повикуваат на попишување.
Околу сигурноста на граѓаните при пристигнувањето на попишувачите во нивните домови, портпаролката Јасмина Ѓорѓиева наведе дека секој попишувач ќе има обврска да се дезинфицира пред посетата на ново домаќинство.
„Според протоколот, секој попишувач ќе биде инструиран, односно ќе има обврска пред влегувањето во секое домаќинство да се дезинфицира, што значи дека треба да стави маска, да ги дезинфицира рацете, лаптопот и потоа да влезе во вашето домаќинство. Кога ќе излезе од вашето домаќинство, треба да го стори истото“, нагласи Ѓорѓиева.
Во однос на прашањето кој може да донесе одлука или препорака за одложување на Пописот, портпаролот Душко Арсовски рече дека сите активности се одвиваат во насока на тоа дека Пописот ќе се спроведе и дека апсолутно ќе се следат препораките на Комисијата за заразни болести.