Bojana Stojanovic
28 Април 2018•Ажурирај: 29 Април 2018
БЕЛГРАД (АА) - Велосипедската тура „Мост на пријателство“ тргна денес од портата „Стамбол“ во Белград, а четворица велосипедисти од Турција и Србија девет дена ќе возат до Белградската порта во Истанбул по повод претстојната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на Турција на 7 мај, јавува Anadolu Agency (AA).
Споменатиот гест на велосипедските ентузијасти ќе биде уште една потврда на прекрасните односи меѓу Србија и Турција кои овој пат на целиот свет се претставуваат и на полето на спортската соработка. Членовите на велосипедската четворка се Огужан Ермис и Мухамед Али Угуз од Турција и Милица Ракиќ и Александар Милјатовиќ од Србија.
На нивното испраќање присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој изјави дека ова е прекрасен гест на пријателство.
„Им посакувам среќен пат, но ова зборува за сè посериозното и сè посилното и поблиското поврзување на Турција и Србија. На Милица и Александар им реков дека тие не се претставуваат само самите себе и нивниот клуб на велосипедисти, туку целата наша земја и сите наши работници кои во последните неколку години добија работни места во турските компании, но и сите оние кои во иднина ќе добијат работа во нив“, рече тој.
Тој наведе и дека сака поблиски политички односи со Турција и доаѓање на уште повеќе турски инвеститори.
Според него, цената на говедското месо се искачила за 20 отсто поради Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Турција и благодарение на извозот во Турција и големиот пазар што Турција го овозможи за Србија.
„Тоа е само почеток и допрва ќе имаме можности во различни сфери од општествениот живот“, изјави тој.
Како што објасни, во изминатите денови напорно се работело на дел од автопатот Чачак - Пожега, како што било договорено со Турција и Босна и Херцеговина, а дека на Србија ѝ останале уште 60 километри до Котроман, а кон Вишеград уште 107 километри од босанската страна на патот кон Сараево.
Тој изјави и дека со радост ја исчекува средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и дека ги очекува разговор за регионот, како и за политичкото и економското понатамошно унапредување на врските на двете земји.
Вучиќ, исто така, спомена дека турските туристи, кои станале број еден во Србија, кои остануваат по два, три дена, ги посетуваат сите знаменитости во Белград и никогаш не пропуштаат да ја посетат Стамболската порта, и дека се плаши оти кога Србите одат во Истанбул, не ја пронаоѓаат лесно Белградската порта која е исклучително убава и се наоѓа на многу важно место.
„И тоа ќе се промени бидејќи сите граѓани на Србија многу, многу го сакаат Истанбул“, изјави Вучиќ.
Амбасадорот на Турција во Белград, Тању Билкич, рече дека почетокот на велосипедската тура е од Стамболската порта во Белград, бидејќи некогаш тоа бил влез во градот, како што Белградската порта била во Истанбул.
„Пред претстојната посета на Вучиќ во Анкара, сакаме да покажеме дека имаме многу заеднички работи и преку оваа велосипедска тура која ќе ги зближи луѓето од Турција и Србија. Двете земји се добри пријатели, за што ние придонесуваме со оваа тура“, рече тој.
Тренерот на велосипедскиот тим, Фатих Харманци, наведе дека целта на турата била зајакнување на врските меѓу двете земји.
Како што изјави велосипедистката Милица Ракиќ од Нови Сад за новинарите, во текот на деветте дена ќе патуваат вкупно 1.200 километри, околу 130 километри дневно.
„Мотивот е всушност, спојување на двете земји и двата града, Истанбул и Белград, и на најдобар можен начин, на два велосипеда спојување на нови пријателства и дружење“, изјави Ракиќ.
Тие ќе одат до Сребреното Езеро, Заечар, Пирот, оттаму до Софија, Пазарџик, Хасково, Едрене, Чорлу, за на крајот да стигнат до нивната дестинација - Истанбул.