Andelija Stojkovic
16 Јуни 2018•Ажурирај: 17 Јуни 2018
БЕЛГРАД (АА) - Српската премиерка Ана Брнабиќ, денеска на форумот „Evropa Vahau“ изјави дека е горда на Србија поради однесувањето за време на мигрантската криза, а најдобар пример за тоа е што 472 деца-мигранти одат на училиште во Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Горда сум на Србија, која во текот на мигрантската криза покажа дека е посветен и одговорен партнер, и покажа висок степен на хуманост. Најдобар пример за ова е тоа што оваа година 472 деца мигранти посетуваат 43 училишта во Србија“, рече Брнабиќ.
Таа рече дека илегалните миграции во Европа се едни од најголемите предизвици за ЕУ и за земјите кандидати, и верува дека е добро избрано мотото на австриското претседавање со Советот на ЕУ - „Европа која штити“, како и фокусот на прашањата за безбедноста и илегалната миграција.
Премиерката на Србија истакна дека Србија е посветена на заштитата на границите и спречувањето на влезот на илегалните мигранти во државата, и дека од почетокот на годинава до средината на јуни биле поднесени 39 кривични пријави за нелегален влез во Србија, додека за трговија со луѓе поднесени се 74 кривични пријави.
Брнабиќ додаде дека Србија има воспоставено заеднички патроли со земјите со кои граничи Србија: Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Унгарија и Романија.
„Наскоро очекуваме започнување на работата на мешаните патроли со Хрватска“, рече Брнабиќ.
На панелот присуствуваа и премиерите на Хрватска и Црна Гора, Андреј Пленковиќ и Душко Марковиќ.