Elvır Hodzıc
18 Април 2024•Ажурирај: 19 Април 2024
САРАЕВО (АА)
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, денес соопшти дека локалните избори ќе се одржат на ист ден со изборите во Белград, на 2 јуни, јавува Анадолу.
Брнабиќ на прес-конференција рече дека за оваа одлука ќе биде потребна измена на Законот за локални избори и дека очекува да се распишат избори на 21 април.
Таа истакна дека разговорите со опозицијата траеле 17 дена.
Претходно Брнабиќ изјави дека е неуставно и неприфатливо барањето на опозициската коалиција Србија против насилството (СПН) за спојување на изборите во Белград и другите локални избори.
„Ситуацијата во која се наоѓа нашата земја е исклучително тешка. Притисоците се секојдневни, разновидни и континуирани. Во такви услови ни треба колку што е можно поголема внатрешна стабилност. Доколку околностите во кои се наоѓа Србија беа поинакви, верувам дека и мојата одлуката ќе беше поинаква“, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека ќе продолжи со работата по препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
Брнабиќ повтори дека ќе се формираат две работни тела за унапредување на изборните услови.
Изборите во Белград беа повторно распишани бидејќи по гласањето во декември 2023 година ниту една листа не освои мнозинство за формирање на властите во Белград.
Опозициските коалиции Србија против насилството и НАДА ја обвинија владејачката коалиција предводена од Српската напредна партија (СНС) за изборна кражба. Власта во повеќе наврати негираше дека имало посериозни изборни нерегуларности.