İnci Gündağ
22 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
ЛОНДОН (АА) - Алан Данкан, британскиот државен министер за Европа и за Америка изјави дека Британија го поддржува членството на Македонија и на Црна Гора во Европската Унија (ЕУ) и НАТО, но истакна дека се потребни одредени реформи во Македонија и во Црна Гора за нивното членство, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Данкан даде писмена изјава пред својата дводневна официјална посета на Македонија и Црна Гора.
Тој во писменото обраќање истакна дека Македонија и Црна Гора се две земји од Западен Балкан кои се од клучно значење за Британија. „Решени сме во ова подрачје да одиграме активна и поддржувачка улога. Среќен сум поради фактот што моите средби на полето на безбедноста, просперитетот и реформите ќе овозможат развивање на нови можности“, вели Данкан во своето писмено обраќање.
„Подолг период ја даваме нашата поддршка за членството на Македонија и Црна Гора во ЕУ и во НАТО“, стои во обраќањето на Данкан, во кое се додава: „Затоа е потребно да се истакне дека од животно значење за нивниот напредок се реформите во двете земји“.
Министерот Данкан во писменото обраќање истакна дека и пред двете земји стојат одредени проблеми и затоа во рамките на посетата ќе оствари средби со политичари и претставници на невладини организации, за да разговара за поддршката што Британија може да им ја даде на Македонија и на Црна Гора на полето на стабилноста, безбедноста и просперитетот.
Министерот Данкан во Македонија ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов и со лидерите на политичките партии, додека за време на посетата на Црна Гора, британскиот министер ќе се сретне со премиерот на Црна Гора, министерот за надворешни работи и со министерот за Европа.