Dejan Maksimovic
18 Декември 2024•Ажурирај: 19 Декември 2024
Во рамките на имплементацијата на Договорот за воено-финансиска соработка меѓу Босна и Херцеговина и Република Туркије и Имплементацискиот протокол за финансиска помош, потпишан во Анкара во 2021 година, денеска се одржа состанок во Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина на министерот за одбрана Зукан Хелез и претставникот на турската компанија БМЏ, јавува Анадолу.
На состанокот, покрај Хелез, присуствуваа и генерал-мајор Мирсад Ахмиќ, заменик началникот на Здружениот штаб на Вооружените сили на БиХ за ресурси, бригадирот Мурат Кул, военото аташе на Република Туркије во Босна и Херцеговина и делегација од БМЏ која ја сочинуваа генералниот директор Лутфи Балик, заменик генералниот директор Мехмет Алтинхан и директорот за меѓународен бизнис развој на БМЏ Метин Олџај.
Главна тема на состанокот беше набавката и испораката на МРАП возилата КИРПИ II, произведени од БМЏ, како дел од напорите за зајакнување на капацитетот и унапредување на воената опременост на Вооружените сили на Босна и Херцеговина.
Претставниците на турската компанија БМЏ презентираа широк асортиман на производи произведени од оваа реномирана компанија, нагласувајќи дека Босна и Херцеговина ќе биде приоритет на листата за испорака на сите договорени средства.
Хелез им се заблагодари на претставниците на БМЏ за презентацијата, истакнувајќи дека нивните производи се меѓу водечките во светот. Хелез изрази особено задоволство што компанијата БМЏ ја вклучи Босна и Херцеговина меѓу своите приоритети за испорака, со посебен акцент на тоа што испораката на првиот оклопен транспортер е планирана за март 2025 година, наведоа од Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина.