Fatjon Cuka,Dzihat Aliju
03 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
ФИЕР (АА) - ФАТЈОН ЦУКА / ЏИХАД АЛИУ -
Болницата на пријателство помеѓу Турција и Албанија во албанскиот град Фиер која е изградена со финансиска поддршка обезбедена од страна на Турција, почна да им служи на граѓаните на Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-генералниот директор на болницата, Илкај Ѓулер, кој воедно е и општ хирург, во изјава за новинарот на АА даде информации во врска со оваа болница.
Ѓулер потсети на заедничката прес-конференција на албанскиот премиер Еди Рама со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, одржана на 6 јануари, на која била објавена одлуката за изградба на болница, со цел зајакнување на албанско-турското пријателство, кое, според него, има многу долго минато.
Тој истакна дека изградбата на оваа болница завршила за 68 дена, и дека на 21 април била официјално отворена со учество на премиерот Рама, министерката за здравство на Албанија, Огерта Манастирлиу и министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, а преку видеоконференција учествуваше и турскиот претседател Ердоган.
Како што рече Ѓулер, персоналот на болницата се состои од здравствени работници од Турција и Албанија, од кои 56 се искусни лекари и друг здравствен персонал од Турција.
„Целта ни е искуството што го добивме во овие 18 години во областа на здравствениот систем, да го пренесеме до целиот албански персонал“, рече тој, додавајќи дека на 27 мај почнале со примање на пациенти во болницата.
„Салата за операции ја отворивме на 30 мај со две операции кои ги извршивме. Албанскиот народ покажува интерес, и тоа нѐ радува. Имаме цел и верувам дека заедно со албанскиот и турскиот персонал ќе направиме многу добри работи, и ќе дадеме придонес во тоа уште повеќе да се зајакнува албанско-турското пријателство“, додаде Ѓулер.
Меѓу другото, Френки Вила, општ хирург кој е дел од албанскиот персонал, истакна дека пациентите изразуваат задоволство од понудените услуги, и дека исто така, и персоналот е задоволен од работните услови.
„Несомнено дека чувствата се позитивни. Условите се прекрасни, особено за една нова болница која работата ја започна од нула“, рече Вила, додавајќи дека со нивните турски колеги имаат плодна и многу добра соработка.
Ндреч Перџеџи, еден од првите пациенти на болницата, нагласи дека добил исклучително квалитетна услуга во болницата и дека се соочил со многу посветен персонал.
Тој упати благодарност до претседателот Ердоган и до Владата на Албанија поради оваа болница.
Според него, оваа болница дава голем придонес во здравствениот систем на Албанија, и како што рече, турските и албанските здравствени работници даваат квалитетна здравствена услуга.