Almir Terzic
01 Февруари 2025•Ажурирај: 02 Февруари 2025
НОВИ САД (АА) - Студентите кои се собраа од сите делови на Србија за да одбележат три месеци од смртта на 15-те лица од уривањето на настрешницата на Железничката станица, ги блокираа мостовите Варадински, Жежељев и Мостот на Слободата во Нови Сад, од каде фрлаа цвеќиња во Дунав, јавува Анадолу.
Граѓани, студенти, велосипедисти, мотоциклисти, земјоделци и ветерани дојдоа во колони од сите правци да ги блокираат три клучни моста во Нови Сад, изразувајќи го својот протест поради недостратокот на одговорност на клучните поединци за смртта на 15 лица и им оддадоа почит на загинатите.
На протестите доминираат српски знамиња и транспаренти со антивладини пораки.
Земјоделците со трактори им дадоа поддршка на студентите, во близина на кампусот во Нови Сад.
На студентите од Нови Сад кои блокираа три моста им се придружија колегите од Белград и од другите делови на Србија, кои пристигнаа по два дена пешачење до Нови Сад.
Пред блокадата на мостовите во Нови Сад, студентите и граѓаните се собраа пред Железничката станица во Нови Сад одржувајќи комеморација за жртвите во 11:52 часот и изразија незадоволство од бавноста на процесирањето на одговорните.
По еднодневната блокада на белградска Автокоманда на почетокот на неделата, студентите во српските градови продолжуваат со протестите и блокадите на зградите на факултетските.
Барањата на студентите во блокадите се објавување на целата документација за реконструкција на Железничката станица, отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените студенти, активисти и граѓани на претходните протести по повод трагедијата во Нови Сад, поднесување кривична пријави за сите напаѓачи врз студентите, професорите и граѓаните и зголемување на буџетот за факултетите за 20 %.
Владините претставници сметаат дека ги исполниле сите барања, додека студентите посочуваат дека ниту едно од барањата не е целосно исполнето.
Градежниот факултет на Универзитетот во Белград повеќепати објавуваше анализи на документацијата во кои конкретно е наведено кои трудови недостасуваат или се нецелосни.
Една од причините за минатонеделната оставка на премиерот Милош Вучевиќ беше последниот напад врз студентите пред канцелариите на партијата СНС во Нови Сад, ноќта меѓу 27 и 28 јануари.
Под блокада се најмалку 63 факултети на пет државни универзитети, два приватни факултети и четири стручни школи. Протестите и блокадите ги поддржаа земјоделци, адвокати, судии, просветни работници и средношколци.
Студентските блокади на факултетите и на ректоратите почнаа кон крајот на ноември, откако академици од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград беа физички нападнати пред зградата на факултетот додека им оддаваа почит на настраданите во новосадсакта трагедија.
Митинзи за поддршка на студентите кои речиси три месеци ги блокираат факултетите и протестираат барајќи одговорност за трагедијата во Нови Сад се одржуваат и во дијаспората, во Европа, Америка и Канада.
Неодамна се одржаа во Вашингтон, Чикаго, Бостон, Лос Анџелес, Хјустон, Торонто, Ванкувер, но и во европските градови Милано, Франкфурт, Виена, Амстердам, Лондон, како и во регионот, во Љубљана, Загреб, Подгорица, и Сараево.