Zlatan Kapic
04 Октомври 2024•Ажурирај: 07 Октомври 2024
ДОЛНА ЈАБЛАНИЦА (АА) - Сообраќајот кон Мостар сѐ уште е затворен кај Долна Јабланица, место најтешко погодено од поројните поплави кои зад себе оставија апокалиптична слика, јавува Анадолу.
Неколку општини во Босна и Херцеговина синоќа беа погодени од поплави, а снимките од терен потврдуваат дека најтешко е погодено подрачјето на Јабланица. Џамијата и куќите во Долна Јабланица се речиси целосно под вода, насип и насобран материјал, а припадниците на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, цивилната заштита, шумските служби за спасување со употреба на тешка механизација ги отстрануваат слоевите акумулиран материјал донесен од поројот.
Како што јави репортерот на Анадолу, патната комуникација од правец на Сараево кон Долна Јабланица е отежната поради одрони од камења и земја, како и цели дрвја на коловозот, кои надлежните служби со потешкотии ги отстрануваат. Телекомуникациските услуги и интернетот се целосно во прекин во регионот погоден од поројни поплави.
Жителите на Долна Јабланица не сакаа да говорат пред камерите, но велат дека не паметат ваква катастрофа.
Акциите за пребарување и отстранување на штетите продолжуваат, а билансот на штети и жртви сè уште не е конечен.
Снимките од воздух од уништената населба во Долна Јабланица покажуваат колкав е размерот на катастрофата што синоќа го зафати подрачјето.
Најмалку 18 лица загинаа во текот на ноќта и денот како последица на катастрофалните поплави и лизгањето на земјиштето во Босна и Херцеговина.
Според последните информации од Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон, на подрачјето на Јабланица загинале 16 лица.
Претходно е соопштено дека во куќа во Фојница животот го изгубила и постара жена. Исто така, во местото Гојевиќи кај Фојница, во текот на денот од еден од поплавените автомобили е извлечено машко тело.
За жал, бројот на жртви би можел да биде поголем, бидејќи сѐ уште се трага по неколку десетици луѓе во северна Херцеговина, но и во централна Босна, посочија официјални лица.