Husamedin Gina
15 Декември 2021•Ажурирај: 16 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими, истакна дека со Предлог-законот за изменување на Законот за царинската тарифа трајно ќе се намалат или укинат царинските стапки за 258 производи кои се увезуваат во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференција одржана онлајн, министерот Бесими изнесе повеќе детали во однос на Предлог-законот за изменување на Законот за царинската тарифа усвоен вчера од страна на Владата.
Истакнувајќи дека тоа е предлог-закон кој е составен дел од програмата на Владата, Бесими рече дека Предлог-законот претставува значителна реформа во областа на надворешната трговија.
„Не станува збор за обврска која во моментот ние како земја ја имаме, меѓутоа е исклучително важна од аспект на подобрување на конкурентноста на нашата економија за подобар настап на поширокиот пазар, а тоа во делот на Европската Унија е и навремено приспособување на приликите кога ќе станеме дел од единствениот европски пазар“, рече Бесими.
Тој, исто така, нагласи дека со Предлог-законот, покрај конкурентноста, ќе се подобри атрактивноста на земјата во однос на зголемување на инвестициите во земјата и за отворање нови работни места.
Со мерките за либерализација на трговијата, како што посочи министерот, особено значење добиваат малите земји со отворени економии како што е нашата.
Наведувајќи дека Предлог-законот на домашните компании ќе им обезбеди да бидат поконкурентни на светско ниво, Бесими рече дека со него трајно ќе се намалат или укинат царинските стапки за 258 производи кои се увезуваат во Северна Македонија.
Министерот за финансии истакна дека намалувањето на увозните давачки, меѓу другото, ќе води кон поголема конкурентност на домашните компании, зголемување на извозот, забрзување на економскиот раст на државата.
На новинарско прашање за најавата за зголемување на цената на електричната енергија за следната година и дали планираат субвенционирање на компаниите поради замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи, министерот Бесими истакна дека веќе 5 милијарди денари од буџетот се издвоени за ЕСМ, за делот на зголемување на сопственото производство.
Во однос на тоа дали е можен пад на вредноста на денарот во однос на еврото, министерот Бесими, истакнувајќи дека граѓаните и стопанските субјекти треба да бидат многу внимателни во однос на коментарите и шпекулациите за девизниот курс, рече дека земјата има фиксен девизен курс, доволни девизни резерви во Народна банка и дека по секоја цена ќе се заштити девизниот курс на денарот.