Senita Sehercehajic
20 Декември 2021•Ажурирај: 21 Декември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Муралот посветен на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ утринава е пребојадисан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Муралот во улицата „Његошева“, кој во претходните месеци неколкупати е пребојадисан, па повторно вратен во првобитна состојба, утринава е пребојадисан со црн спреј.
Овој мурал последен пат е пребојадисан на 9 декември, по налог на Одделението за инспекциски работи на Градската општина Врачар од 20 септември. Набрзо потоа, од муралот на кој е прикажан осудениот воен злосторник Младиќ во Хашкиот трибунал, како салутира, група луѓе ја измиле бојата.
Активистките Аида Ќоровиќ и Јелена Јаќимовиќ фрлија јајца на муралот со ликот на воениот злосторник Младиќ, кој се наоѓа на ѕид на зграда во улицата „Његошева“ во Белград, по што полицијата ги приведе на 9 ноември оваа година, кога се одржани и протести на граѓаните поради апсењето на активистките.
На инцидентот му претходеше тензична атмосфера, создавана со денови, која ја предизвика обидот на граѓаните кои живеат во зградата на која се наоѓа муралот да го пребојадисаат, за што имаат дозвола од надлежните општински органи. Меѓутоа, кога и да сакале тоа да го направат, според зборовите на граѓаните, се појавувале луѓе кои им се заканувале.
Невладината организација „Иницијатива на младите за човекови права“ (ЈИХР) најави дека на 9 ноември, по повод Меѓународниот ден на борбата против фашизмот, ќе го пребојадиса муралот. Следуваше забрана од српското Министерство за внатрешни работи (МВР) со која не е дозволено собирање на граѓаните во близина на муралот, со коментар од министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, дека „ни оние кои би сакале да го пребојадисаат муралот на генералот Младиќ, но ни оние кои би сакале да го сочуваат, нема да добијат дозвола за собирање“.
„Иницијатива на младите за човекови права“ потоа соопшти дека добро ги сфатила пораките од МВР и од Вулин, порачувајќи дека се откажува од акцијата за отстранување, наведувајќи дека верува дека полицијата не би ги заштитила во случај на можен напад врз активистите.
Муралот посветен на Младиќ, осудениот воен злосторник за геноцидот во Сребреница и други злосторства против човештвото кои ги изврши војската под негова команда во текот на војната во Босна и Херцеговина 1992-1995 година, се појави на ѕидот од зграда во централната белградска општина во јули.
Муралот, кој е само еден од неколкуте слични посветени на Младиќ во Белград, неколкупати е преправан и повторно реставриран.