Senita Sehercehajic
22 Ноември 2022•Ажурирај: 23 Ноември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, се состана со потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Република Италија, Антонио Тајани, и со министерот за одбрана, Гвидо Крозето, со кои разговараше за геополитичката ситуација и регионалните односи, како и за понатамошниот развој на билатералната соработка и евроинтеграцијата на Србија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што е соопштено од неговиот кабинет по состанокот, Вучиќ изразил уверување дека Србија и со новата италијанска Влада ќе ја продолжи традицијата на добри и пријателски односи, со оглед на тоа што Италија денес е еден од најважните политички и економски партнери на Србија, но и влијателен чинител на меѓународната политичка сцена, што со своите позиции и активности може дополнително да придонесе за развој на мирна и стабилна средина на Западен Балкан.
„Ова е исклучително важна посета за нас, бидејќи Србија сака да види уште поголема улога на Италија во регионот“, истакнал Вучиќ и, како што се наведува во соопштението, додал дека Србија е особено благодарна не само на доследната поддршка на Италија за европскиот пат, туку и за придонесот што го дава за безбедноста и стабилноста на Косово преку ангажманот на својата војска во составот на КФОР, а особено за заштитата што ја дава на манастирот Високи Дечани.
Вучиќ ги запознал соговорниците со последниот развој на ситуацијата во Косово, како што се наведува во соопштението, „предизвикана од постојаните еднострани провокации на привремените органи на самоуправата во Приштина“, и нагласил дека и покрај „таквото неодговорно однесување, Белград останува целосно посветен на дијалогот, за што сведочи и покажаната волја за продолжување на дијалогот на високо ниво, што се одржа на 21 ноември во Брисел со посредство на ЕУ“.
„Италија е тука, Италија сака да биде тука, бидејќи сме многу заинтересирани за регионот на Западен Балкан“, рекол министерот Тајани и, како што се наведува во соопштението, ја изразил спремноста на неговата земја да помогне во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот.
Шефот на италијанската дипломатија укажа и на значењето на мирното решавање на сите спорови и прашања, и рече дека Србија во тие настојувања ќе ја има силната поддршка на Италија.
„Оваа посета на двајцата министри е политички знак и покажува колкаво значење ѝ дава Италија на Србија“, рече министерот Крозето и, според соопштеното, порачал дека за неговата земја е од најголемо значење во Косово „да има мир и српската заедница да биде почитувана и безбедна“.
Во соопштението на Кабинетот на Вучиќ се додава дека на состанокот се согласиле дека развиените билатерални економски односи претставуваат движечка сила за натамошно јакнење на сеопфатната соработка меѓу двете земји и посочиле дека потребно е дополнително нивно интензивирање на највисоко ниво. Изразена е надеж дека наскоро ќе се одржи четвртата заедничка седница на двете влади, како и бизнис-форум.