Husamedin Gina
27 Септември 2022•Ажурирај: 28 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, истакна дека во периодот јануари - јули 2022 година во однос на истиот период од претходната година бројот на туристите во земјата е зголемен за 53,3 отсто, јавува Агенција Анадолија (АА).
Mинистерот Бектеши имаше обраќање на настан по повод 27 Септември - Светскиот ден на туризмот, организиран од Министерството за економија.
Истакнувајќи дека туризмот во последните години се соочува со многу предизвици кои влијаат на развојот на оваа индустрија, министерот рече дека во соработка со светската туристичка организација се обидуваат да најдат најдобри модели за справување со предизвиците.
Според сите показатели, оваа година ќе бидат постигнати очекуваните резултати.
Бектеши, наведувајќи дека во периодот јануари - јули 2022 година во однос на истиот период претходната година бројот на туристите е зголемен за 53,3 отсто, нагласи дека кај домашните туристи има зголемување од 13,7 отсто, а кај странските зголемувањето е за 109,9 отсто.
„Иако овие бројки се за поздравување, свесни сме дека сегашната криза со електрична енергија создава голем проблем во туристичката и угостителската индустрија. Кризата со недостаток на кадар исто така е во нашиот фокус и заедно со стопанските комори и здруженија, како и со академската фела, работиме за изнаоѓање на решение за истото“, додаде министерот Бектеши.
Осврнувајќи се на владините мерки за енергетската криза, Бектеши рече дека угостителите и хотелиерите ќе добијат поддршка, а рудниците, казината, банките и сличните такви дејности нема да бидат поддржани.
Меѓу другото, Бектеши подвлече дека ќе им се помогне и на најранливите категории граѓани, а ќе се донесат и соодветни мерки во делот на замрзнувањето на цените и на маржите.
„Во делот на замрзнување на маржите ние го продолживме рокот и тоа ќе важи до крајот на годината. Согласно движењата. Чекаме да се усвои Законот за потрошувачите. Од страна на Пазарниот инспекторат се прават анализи за сите производи кои се во склоп на одлуката, ако гледаме дека има несоодветни зголемувања на цените, што не се совпаѓа со тоа колку се зголемени трошоците за производство на тие производи, тогаш ќе одиме на директно замрзнување на цените“, нагласи Бектеши.
На новинарско прашање дали има официјална понуда од Туркије, односно од компанијата „Боташ“ за купување на електрична енергија, Бектеши рече дека ЕСМ директно ги води разговорите со турските компании.
„Ние пративме писмо, така беше договорено, и до Боташ и до одредени други компании во Турција, сè со цел да ја зголемиме соработката меѓу Македонија и Турција во делот на справување со електричната енергија. Јас како министер за економија немам такви податоци денешни, се разговара со ЕСМ. ЕСМ ги води разговорите директно и со Боташ и со другите компании“, нагласи Бектеши.