Ekipa
08 Јануари 2017•Ажурирај: 09 Јануари 2017
АТИНА (АА) - Ниските температури и обилните врнежи од снег го отежнуваат животот на илјадници бегалци и мигранти кои престојуваат во кампот Мориа на грчкиот остров Лезбос, јавува Anadolu Agency (AA).
Тенките летни шатори во кампот се прекриени со снег уште од вчера изутрина, при што лицата кои престојуваат таму се изложени на екстремните временски услови без никаков извор на греење.
„Пренаселениот камп има над 2.000 лица бегалци кои живеат во шаторите”, вели Ефи Латсуди, волонтер од "Lesvos Solidarity".
„Состојбата во моментот (во Мориа) е драматична. Многу лица живеат во шатори кои пропаднаа вчера изутрина со тоа што не можеа да ја издржат тежината на снегот” , изјави Латсуди во телефонско интервју за АА.
„Неколку волонтерски групи обезбедија околу 200 нови камп шатори, вреќи за спиење и ќебиња, но не верувам дека ќе издржат”, изјави таа.
И покрај неодамнешната поднесена жалба од страна на Агенцијата за бегалци при ОН (УНХЦР) да ги префрли бегалците и мигрантите на копно каде што условите се подобри, се чини дека сепак не постои никаков план за да се справат со оваа ситуација.
„Потребата за подобра заштита ќе стане повеќе акутна кога температурите на островите овој викенд се очекува да паднат. Загрижени сме”, го прочита соопштението издадено во петокот од страна на УНХЦР.
Ибрахим Камара, бегалец од Сиера Леоне, кој живее во шатор во кампот Мориа изминатите шест месеци, исто така, се пожали на недостатокот од организација.
"Нема организација, нема планирање или нешто слично во врска со тоа (студот). Тие никогаш не ни кажуваат ништо во врска со студот. И пред тоа, имаше силен дожд и секаде беше влажнo. Не можев да спијам во мојот шатор. И сега воопшто не можам да спијам бидејќи мојот шатор пропадна поради снегот", рече Камара.
Сепак, ситуацијата во Кара Тепе - уште еден бегалски камп на островот - се чини дека е подобрa.
Според Спирос Галинос, градоначалник на Митилена, главниот град на Лезбос, бегалците во Кара Тепе живеат во мали куќички кои имаат греење.
"Поради студеното време, условите во Мориа се полоши сега бидејќи има двојно повеќе од бројот на луѓе за кои е предвиден кампот. Кампот може да прими само 1.500 луѓе, но сега е домаќин на околу 3.500 луѓе. Немаше доволно куќи и тоа е причината зошто има толку многу шатори", рече Галинос.
Ниските температури се очекува да продолжат и во наредните неколку дена, а грчките власти предвидуваат температури под нулата и повремени снежни врнежи за регионот на северен Егеј.