Fatjon Cuka
30 Јуни 2019•Ажурирај: 30 Јуни 2019
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, за локалните изборите гласаше на гласачкото место во селото Сурел, во околината на Тирана, јавува Anadolu Agency (AA).
Рама, кој беше присдужуван од својата сопруга Линда Рама, за медиумите истакна дека денеска во Албанија се случува нешто историско, и според него, тоа е една лекција која никогаш нема да се заборави од страна на ниту една политичка партија и политичар.
„Верувам дека денешниот ден засекогаш ќе потврди дека не се игра со народот, бидејќи сувереноста на народот не е празен збор, и кој се обидува на народот да му ја одземе сувереноста, неговиот крај ќе биде со неуспех“, рече Рама.
Денеска во Албанија се одржуваат локалните избори за избирање градоначалници на општини и членови на општински совети низ земјата, според првиот декрет на претседателот на земјата, Илир Мета, кој беше укинат на 10 јуни. Новиот декрет, со кој како датум за одржување на изборите беше одреден 13 октомври, не беше поддржан од страна на Рама и од поголемиот дел на членовите на Централната изборна комисија на оваа земја.
На изборите учествува владејачката Социјалистичка партија на Албанија (ПС), предводена од премиерот Еди Рама, која ја води коалицијата наречена Алијанса за европска Албанија, заедно со некои нејзини сојузнички партии.
Од друга страна, главните опозициски партии, Демократска партија (ПД) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), ги бојкотираат локалните избори, а дел од изборниот процес се и неколку други опозициски парламентарни и вонпарламентарни партии.
Изборниот процес се набљудува од страна на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, амбасади акредитирани во Тирана, како и од други меѓународни и локални организации низ земјата.