САРАЕВО (АА) - На денешен ден пред 27 години во воената база „Рајт-Патерсон“ во гратчето Дејтон, во американската држава Охајо, беше потпишан Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина (БиХ), попознат како Дејтонски мировен договор, пишува Агенција Анадолија (АА).
Со тој документ официјално заврши речиси четиригодишната војна, а Босна и Херцеговина е организирана како држава од три конститутивни народи и останати, и два ентитета - Федерацијата БиХ и Република Српска.
Главните актери на мировните преговори на крајот беа и потписници на Дејтонскиот договор - претседателот на РБиХ, Алија Изетбеговиќ, претседателот на Хрватска, Фрањо Туѓман, и српскиот претседател Слободан Милошевиќ, на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз. Сите три држави настанаа со распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
„Ова не е праведен мир, туку е поправеден од продолжување на војната. Во ваква ситуација каква што е, и во свет ваков каков што е, подобар мир и не можеше да се постигне“, рече Алија Изетбеговиќ по церемонијата на потпишување на Дејтонскиот договор во Париз.
Овие зборови можеби до денес го претставуваат најдобриот опис на моментот во кој е усогласен Мировниот договор за Босна и Херцеговина. Во моментот на потпишувањето, Дејтонскиот договор им го донесе долгопосакуваниот и долгоочекуваниот мир од војната на уморните граѓани на Босна и Херцеговина. Во исто време донесе сосема ново уставно уредување на земјата, за кое, во моментот кога е потпишан, барем што се однесува до обичните граѓани во БиХ, малкумина размислуваа во земја во којашто загинаа над сто илјади, повеќе од еден милион беа протерани од своите огништа или побегнаа во други земји, додека куќите, фабриките, училиштата, факултетите, инфраструктурата, културните и историски споменици се уништени...
„Дејтонскиот мировен договор стави крај на војната во Босна и Херцеговина и мора да бидеме свесни за тоа, бидејќи во моментот кога беше усвоен, тоа беше вест што едвај ја чекавме“, изјави за АА Игор Рајнер, пратеник во Собранието на РБиХ во времето на потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година.
„Не донесе ниту политичка, ниту економска целосност на Босна и Херцеговина. Не донесе ни еден глас на Босна и Херцеговина во Европската заедница, односно ЕУ, ниту во меѓународна рамка. Ако го анализираме тоа, тогаш мораме да повлечеме една црта помеѓу она што беше и она што е сега, и она што ја чека Босна и Херцеговина во иднина. Секако, за генезата на самиот Дејтонски мировен договор, во тој дел, сега беспредметно е да се разговара затоа што тој има многу недостатоци или затоа што тој не е целосно применет на територијата на Босна и Херцеговина“, изјави претходно за АА Јусуф Пушина, поранешен министер за внатрешни работи на РБиХ и советник на претседавачот со Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ.
Поранешниот член на Претседателството на Босна и Херцеговина и министер за надворешни работи на РБиХ во воениот период, Харис Силајџиќ, беше и член на делегацијата на Босна и Херцеговина во преговорите за Дејтонскиот мировен договор. Претходно тој изјави дека Дејтонскиот мировен договор е креиран симболично во Босна Херцеговина, но преку вооружување, војници, тенкови...
„Кога бевме примени во ОН на 22 мај 1992 година, тоа беше наша последна шанса војната да биде препознаена како агресија на државата, а не само на територија. Добро е што успеавме во тоа“, нагласи Силајџиќ.
Најголем придонес во креирањето на Дејтонскиот договор даде Ричард Холбрук, поранешниот заменик на американската државна секретарка Медлин Олбрајт, а со своето присуство го гарантираа американскиот претседател Бил Клинтон, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Бутрос Бутрос Гали, поранешниот француски претседател Жак Ширак, тогашниот британски премиер Џон Мејџор, генералниот секретар на НАТО Хавиер Солана, германскиот канцелар Хелмут Кол, рускиот премиер Виктор Черномирдин, како и шведскиот премиер Карл Билт, кој, исто така, беше и копретседавач со мировната конференција во име на Европската Унија (ЕУ).
Договорот се состои од 11 анекси, меѓу кои е и Анекс 4 - Уставот на Босна и Херцеговина. Со него е потврден суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Босна и Херцеговина како држава. Одредено е дека БиХ се состои од два ентитета, Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска и дека ја сочинуваат конститутивните народи, Бошњаци, Хрвати и Срби, заедно со останатите. Пропишани се надлежностите на БиХ и на ентитетите, како и односите меѓу институциите на БиХ, но и начинот на измена на Уставот на БиХ.
Дејтонското уставно уредување стана еден од основните проблеми во функционирањето на модерна БиХ, но и пречка на нејзиниот пат кон евроатлантските интеграции. Тоа стана пречка и за самото внатрешно функционирање на државата и предмет на спор меѓу политичките опции во врска со тоа како би требало БиХ да изгледа како држава во иднина и какво треба да биде нејзиното внатрешно уредување. Во изминатите години не е постигнат консензус за ниту еден предлог за уставни измени. Политичкиот јаз меѓу политичките претставници во врска со измените на уставното уредување на БиХ се одрази во сите сфери на животот.
Во ентитетот Република Српска, согласно со ентитетскиот закон за празници, денешниот ден, 21 ноември, се одбележува како Ден на воспоставување на Општиот рамковен договор за мир во БиХ и е неработен ден.
Во ентитетот на Федерацијата БиХ денеска е обичен работен ден, а за четири дена, на 25 ноември, ќе се одбележи Денот на државноста на БиХ. Станува збор за датумот кога е потврдена државноста на Босна и Херцеговина во рамките на границите на тогашна Југославија, на состанокот на Антифашистичкиот совет за народно ослободување на Босна и Херцеговина во Мркоњиќ-Град.
news_share_descriptionsubscription_contact
