Besar Ademi
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - На прес-конференцијата „Туристичките агенции со анализа пред почетокот на летната сезона“, која се одржа во просториите на Сојузот на стопанските комори во Скопје, туристичките агенции истакнаа дека дел од аранжманите се продадени како резултат на почетните резервации за летните одмори, кои вклучуваат понуди со попуст, додека поголемиот дел од аранжманите се очекува да биде продаден во идниот период, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Туристичко-угостителската комора на Македонија, Аркан Керим, рече дека како и другите години, и оваа година омилена дестинација за граѓаните на Македонија се Турција и Грција.
„Најбарани се аранжманите за Турција, во регионот Анталија, и за оние во Грција. Добрата организација, високиот квалитет на угостителските услуги, морето и поволната клима, секогаш се причини за побарувачка на посетите на Турција“, рече Керим.
Керим истакна дека по две недели, од Македонија за Турција ќе има осум летувања неделно, што според него, уште повеќе ќе го зголеми интересот на македонските граѓани да го поминат својот одмор во Турција.
На прашањето дали актуелната политичка ситуација во Турција влијае на намалувањето на бројот на граѓани што ги поминуваат летните одмори во Турција, Керим истакна:„Од Нова година па наваму, Турција нема проблеми, и оваа година во Турција има многу повеќе интерес. Како што гледате, непријатните настани се случуваат насекаде. Кој би помислил дека во Манчестер ќе се случеше такво нешто, но за жал се случи”, нагласи Керим.
Македонските туристички агенции велат дека врз основа на првичните процени направени во текот политичката криза и молкот на граѓаните како резултат на неизвесноста, се очекува ова да биде успешна сезона, со стабилизирање на пазарот.