Балкан

„Турција за секоја платформа застана до Северна Македонија“

„Во Големото народно Собрание на Турција беше потпишан Протоколот за НАТО. Турција за секоја платформа застана до Северна Македонија“, рече Хасан, додавајќи дека НАТО претставува безбедност

Dzihat Aliju  | 06.12.2019 - Обновена : 07.12.2019
„Турција за секоја платформа застана до Северна Македонија“ (Foto: Umeys Suleyman/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ -

Министерот без ресор во Владата на Северна Македонија задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, укажувајќи на поддршката на Турција за членството на Северна Македонија во НАТО, истакна дека Турција за секоја платформа застана до Северна Македонија.

Хасан во изјавата за Агенција Анадолија (АА) и Турската радио-телевизија (ТРТ) говореше за различни прашања, како што се последните случувања во Северна Македонија, неговата посета на Турција, борбата против терористичката организација ФЕТО и членството на Северна Македонија во НАТО.

Министерот Хасан нагласи дека со последните законски измени направени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, во Северна Македонија им се нудат различни можности на домашните и странските инвеститори, и дека Северна Македонија за прв пат одвоила буџет од околу 55 милиони евра за субвенции.

Според него, забележан е раст кај странските инвеститори во рамки на чекорите што ги направила Владата, додека, како што рече тој, минатата година потпишале договор со 34 нови странски инвеститори.

Хасан истакна дека во последните две години се обезбедени 54.000 нови вработувања, и дека тоа е рекордна бројка доколку се споредува со податоците во периодот од независноста на земјата досега.

Потсетувајќи дека во ноември остварил посета на различни турски области како Коџаели, Сакарја и Бурса, Хасан рече дека реализирал различни состаноци и средби во значајни индустриски центри во Турција.

Хасан нагласи дека во овие средини имал прилика да ги претстави инвестициските можности во Северна Македонија, и дека ги повикал турските инвеститори да инвестираат во неговата земја.

Тој рече дека во Слободната зона во Скопје има двајца турски инвеститори, кои се од Коџаели, и дека тој како министер со турско потекло се обидува да им понуди секаква помош на турските инвеститори што сакаат да инвестираат во Северна Македонија.

Министерот истакна дека во ноември учествувал на „Bosphorus Summit“ организиран под покровителство на турското Претседателсво, каде што, како што додаде, Северна Македонија за прв пат била претставена на овој самит.

Како што рече, во последните периоди во Северна Македонија се направени значајни чекори особено во насока на човековите права и слободи. „Нашите сонародници веќе немаат страв од истакнување на нивните проблеми, зборување за тие проблеми и нивно пренесување до јавноста“, додаде тој.

Говорејќи за работата на локалните власти, Хасан нагласи дека во повеќе општини се реализирани бројни инвестиции во областите каде што живеат Турци во земјата.

„Веруваме дека турската заедница во наредните години ќе живее во подобри услови и дека нивото на благосостојба ќе се зголеми“, рече Хасан.

Осврнувајќи се на борбата против терористичката организација ФЕТО во Северна Македонија, министерот истакна дека е затворена печатената верзија на медиумот поврзан со ФЕТО во земјата, и дека е покажан отворен став против поддршката дадена претходно за нив.

Хасан, исто така, говореше и за прашањето за испорачување на 15 припадници на ФЕТО на Турција, при што рече:

„Во оваа насока веруваме дека во наредниот период надлежните органи ќе направат чекори во насока на очекувањата на Турција. Секако дека ние ги продолжуваме нашите средби, но сметам дека и надлежите органи ќе го направат тоа што е потребно во рамки на меѓународното право. Во оваа насока ние постојано сме внимателни во субвенциите насочени кон вакви невладини организации и медиуми. Ги предупредувам моите колеги министри, повторно да не ја направиме грешката што беше направена претходно. Во најкраток можен рок, сигурно дека надлежните органи ќе го дадат потребниот одговор за барањата на Турција.“

- „Турција за секоја платформа застана до Северна Македонија“

Хасан рече дека досега 28 земји членки го ратификувале Пристапниот протокол за Северна Македонија во НАТО и дека останала само Шпанија. Тој изрази верување дека шпанскиот Парламент наскоро ќе го ратификува овој протокол.

Министерот Хасан истакна дека Северна Македонија наскоро ќе биде дел од НАТО, кое, како што рече, е најмоќната организација во светот.

„Во Големото народно Собрание на Турција (ТБММ) беше потпишан Протоколот за НАТО. Турција за секоја платформа застана до Северна Македонија“, рече Хасан, додавајќи дека НАТО претставува безбедност.

„Северна Македонија веќе сакаме да биде стабилна и безбедна земја. За нас е важно нашата земја да е далеку од конфликти и внатрешни немири. Особено некои конфликти врз етничка база лошо влијаеја. Со НАТО, тоа веќе е гарантирано. Нам ни е понудена можност за економски развој врз цврсти нозе. Сигурно дека во рамки на НАТО се наоѓаат и Турските вооружени сили (ТСК). За турската заедница што живее во Северна Македонија е гордост да биде под ист покрив со ТСК“, истакна тој.

Укажувајќи на 21 Декември - Денот на турската настава во Северна Македонија, Хасан нагласи дека треба да се придаде внимание на образованието на турски јазик.

Според Хасан, треба да се подготви патоказ за тоа што може да се направи за решавање на проблемите со образованието на турски јазик, како и за неговиот развој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.